Борбени возила и дронови ја штитат унгарско-српската граница од илегални мигранти

Од полноќ Унгарија почна да применува зголемени и длабински контроли на границата со Србија. Дронови, борбени возила, термокамери, коњанички единици, обучени кучиња, комплетниот потенцијал на унгарската војска и полиција се ставени во служба на одбрана на шенгенските граници. Повеќе од 6.000 полицајци се ангажирани да ја чуваат српско-унгарската граница, а и војската двојно го зголеми бројот на војници што патролираат по должина на зелената линија. Целта е да се спречи масовен влез на бегалците на унгарска територија.

Мигрантите што се затекнаа во зоната од осум километри од границата ги враќаат зад заштитната ограда, во транзитната зона на унгарско-српската граница. Официјална Унгарија тоа го објаснува со желбата да се намали бројот на кривични постапки против илегалните мигранти и да им се даде можност легално да добијат азил.

Во Унгарија на 2 октомври ќе се одржи референдум за предлогот на Брисел за соодветен прием на бегалци и мигранти, квоти, на земјите членки на ЕУ. Владата на премиерот Виктор Орбан се спротивставува на овој предлог на Брисел за прием на вкупно 160.000 мигранти.

Будимпешта истакнува дека овој план на ЕУ ќе го наруши суверенитетот и дека во државата како мигранти може да влезат и терористи. Според Орбан „Брисел нема право да ја менува европската културна и религиска идентичност“. Лани низ Унгарија поминале околу 400 илјади бегалци.

Германските разузнавачки служби објавија дека откриле најмалку 17 терористи поврзани со ИСИС кои влегле во Европа како бегалци. ungarija-02

И во Македонија, според последните полициски извештаи, зголемена е „активноста“ на мигрантите во обидите илегално да ја преминат македонската граница.
Само во последните 48 часа полицијата кај Селемли, Дојран и Меџитлија го спречила илегалниот влез на 800 мигранти.

Според Регионалниот центар за управување со кризи, во кампот во Табановце сега има 83 мигранти. Тоа е речиси дваесет пати помала бројка од 1500-те кои беа во овој камп пред само три месеци.