Државата продолжува да го помага домашниот приватен сектор. Финансиски се стимулираат компаниите да се развиваат и да отворат нови работни места.
Приватниот сектор на располагање има евтини кредити од ЕИБ, со проектот „Македонија вработува“ компаниите и фирмите се ослободуваат од плаќање придонеси и персонален данок, преку Оперативниот план се даваат пари за микро и малите фирми за да реализираат вработувања.
Наскоро ќе бидат потпишани договорите со лицата што добиле средства за самовработување. Државата со по 3.000 евра ќе стимулира отворање на 500 приватни бизниси. Се работи за проект што се работи со УНДП. Досега ваквата соработка резултираше со отворање на повеќе од 7.000 бизниси.
Ние очекуваме овој тренд на позитивни ефекти да продолжи и понатаму со огласите кои што се реализирани оваа година. Во наредните неколку денови, Агенцијата за вработување ќе ја објави финалната листа на добитници на средства кои што се неповратни и се во висина од 3.000 евра, вели портпаролот на Владата, Александар Ѓеорѓиев.
Добитниците кои ќе ги добијат парите можат да ги искористат за да ја набават потребната опрема и материјалите. Во тек е и постапката за реализација на вториот повик за доделување неповратна помош од 3 илјади евра за самовработување.
Порталот „Лидер“ пишува дека со Оперативниот план за годинава е предвидено директно да се отворат над 8.700 работни места.
Низ мерките и програмите ќе поминат вкупно 13.500 луѓе. Во планот има 28 мерки и обуки за сите кои се невработени, а се водат како активни баратели на работа.
Во изминативе години преку мерките и програмите се остварени вработувања на над 40 илјади луѓе, од коишто на работните места се уште се околу 36 илјади луѓе, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
На пример, Програмата за субвенционирани работни места ги таргетира микро и малите фирми, кои добиваат неповратни грантови за опрема и материјали за да отворат нови работни места.
Државна помош има и за фирмите „газели“, оние кои се перспективни и во кои лежи потенцијал за раст и развој.
Поддршката на брзорастечките фирми „газели“ ќе допринесе за јакнење на домашната економија, односно за стимулирање на растот на домашните компании и за зголемен број на работни места, преку одобрување на средства за набавка на опрема во максимален износ од 615 илјади денари по фирма, се вели во Оперативниот план.
Повеќе пари за иновативните компании
Државата продолжува да ги стимулира иновативните компании. Претпријатијата имаат рок до 1 август да аплицираат за парите од Фондот. За третиот јавен повик за финансирање проекти се обезбедени 450.000 евра кои ќе им бидат поделени на 15 претпријатија.
Она што ќе го поддржуваме и оваа година се микро, мали и средни претпријатија кои постојат најмногу шест години и кои имаат иновативен проект, вели директорката на Фондот, Јасмина Поповска.
Со 1.300.000 евра од Фондот за иновации, досега пари добија 33 претпријатија. До 2017-та година е предвидено да се вложат 10 милиони евра!
Во најголемите и најуспешните економии, иновациите се двигателот на развојот на економијата и на отворањето нови работни места. За жал, во минатото тоа кај нас беше запоставено, беше ставено на маргините на општеството, со едно сериозно отсуство на самодоверба дека и ние можеме да направиме иновации коишто ќе бидат конкурентни на меѓународно ниво. Тоа беа причините за формирање на Фондот кој е добро екипиран и има меѓународен борд на експерти кои ги оценуваат иновациите, објаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Бизнис – заедницата задоволна од соработката
Македонската бизнис – заедница е задоволна од соработката со Владата, особено од мерките кои ги стимулираат извозните компании и инфраструктурните проекти, а кои значат работа за домашниот бизнис.
Мислиме на поддршка на компаниите кои се извозно ориентирани и оние кои воведуват иновации во своето производство, кои отпочнуваат инвестициони циклуси со што придонесуваат и за намалување на невработеноста во државата. Капиталните инвестиции во делот на инфраструктурата, пак, остануваат важен сегмент за работењето на македонските компании, објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Како Стопанска комора се надеваме дека и во идниот период ќе имаме продолжување на континуираната соработка, вели директорката на СКМ, Јелисавета Георгиевска.
Политиките даваат резултат – се намалува невработеноста
Владините економски политики, добрата соработка со бизнис – заедницата и со синдикатите се покажуваат како клучни фактори за историското намалување на невработеноста во земјава. Ако стапката на невработеност во времето на СДСМ надминуваше 37%, сега таа изнесува 24,5%, што значи дека е намалена за повеќе од 12 отсто.