Трите инвестиции кои во изминатите години беа најавени во општината, веќе се реализираат. Само во следната година се очекува овие три инвестиции да отворат 100 нови редовни работни места и дополнителни сезонски.
Во општината изграден е и нов сточен пазар за кој граѓаните одамна пројавиле интерес и потреба, а почната е и изградбата на зелен пазар. Во тек се и реконструкции и изградба на нови улици во општината, две канализации, а изградено е едно повеќенаменско игралиште, додека при крај е и изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Манчу Матак“.
Повеќенаменското игралиште се простира на површина од 1.300 метри квадратни, осветлено е со рефлектори и е дел од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта. Инвестицијата е девет милиони денари, а најавена е и изградба на игралиште за стрип баскет во оваа општина.
Спортската сала е во рамки на основното училиште во општината и треба да биде пуштена во употреба за еден месец. Изградена е на површина од 650 метри квадратни. Во ова основно училиште учат 300 ученици.
Градоначалникот на општината Тони Заткоски истакна дека ваквите инвестиции во општината ќе продолжат и во иднина и оти нивната реализација, како што рече, е можна со поддршката од Владата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека она што им било ветено на граѓаните и што може да се направи, ќе се реализира и најави дополнителни инвестиции и поддршка за овој дел од Македонија.
Во рамки на посетата на општината, кај новиот плоштад лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имаше средба и со жителите на Кривогаштани кои изразија задоволство од подршката на Владата за реализација на сите проекти. Задоволни се и од работата на градоначалникот и посочуваат дека со негова помош и со помош на Владата се реализираат многу проекти од интерес на граѓаните во оваа општина.