Претседателот на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), Али Ахмети денес во Амбасадата на САД во Скопје се сретна со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, Викторија Нуланд, како и амбасадорот на САД во Скопје Џес Бејли.
Како што информираат од ДУИ, Ахмети и Нуланд разговарале околу начините како да се реши политичката криза во земјата и враќање на евро-атлантската агенда.
Нуланд ја изрази проценката на САД за конструктивната улога на Ахмети кон постигнување решение, како и тесната соработка со американските власти. Лидерот на ДУИ Ахмети ја увери Нуланд дека ДУИ е најконструктивна за изнаоѓање на решение како и изрази оптимизам за брзо постигнување на компромис од двете страни во наредните денови. Овој компромис треба да резултира со сеопфатни, веродостојни и демократски избори што е можно поскоро, соопштуваат од ДУИ.
Оттаму информираат дека Ахмети ја информирал државната секретарка на САД околу предлозите на ДУИ за чистење на Избирачкиот список и медиумите како и потребата за двете страни да се договорат дека се исполнети условите за избори, а потоа да се одреди датум за предвремени избори.
Ахмети на средбата побарал поддршка од Америка за следење на патот кон интеграцијата во НАТО и ЕУ, при што Нуланд истакнала дека тоа е заедничка цел.