Заев-Нуланд: Можни се избори во ноември

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска се сретна со помошник државната секретарка на САД Викторија Нуланд, придружувана од амбасадорот на САД во Република Македонија Џес Бејли.

Како што информираат од СДСМ, на состанокот се разговараше за политичката криза во Македонија и начините за нејзино решавање.

Истакнато е дека ова е клучен период за постигнување договор за неопходните услови за фер и регуларни избори. Заеднички е констатирано дека мора да се обезбеди прочистен, доверлив Избирачки список и објективно известување на медиумите и дека со исполнување на овие услови, исто така заеднички е констатирана можноста за одржување на предвремените парламентарни избори во текот на месец ноември. Исто така, потенцирана е неопходноста за формирање Влада што ќе организира и спроведе регуларни избори на коишто ќе одлучи слободната волја на граѓаните како и дека без разлика на промените што ги прави власта во Законот за внатрешни работи, Владата мора да биде формирана согласно сите аспекти на Договорот од Пржино, соопштуваат од СДСМ.

Zaev Nuland2

Според Заев брзите фер избори ќе ја спасат Македонија од економското и финансиско тонење на државата и недемократскиот начин на владеење што штети на евро-атлантските перспективи.

Власта со намерата за ново големо задолжување преку еврообврзница, со законот за владино рекламирање, со законот за МВР, нанесува дополнителни огромни штети на интересите на граѓаните на Македонија, рече Заев.

На состанокот е нагласена потребата од целосна независност на СЈО, професионална соработка на судството и МВР со СЈО, како потребата од недвосмислена поддршка на работата на СЈО, од страна на сите политички субјекти.