Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска престојуваше во Струга истакна дека проектот за осовременување на игралиштето за ракомет е реализиран како приоритетен, како повеќегодишно барање на самите жители на градот.
За реализација на тој проект, околу изградбата на соодветените трибини беше ангажиран „ЕЛЕМ“ преку активностите што компанијата ги спроведува за општествена одговорност.
Инвестицијата вредна 15,3 милиони денари овозможува вкупен капацитет на трибините од 1.500 гледачи и поттрибински простор за сите потреби на спортистите. Станува збор за проект реализиран во рок од десет месеци.
ОД ЕЛЕМ најавија дека за следниот турнир на игралиштето ќе биде поставена и специјална „Герфлор“ подлога на самиот терен, каква што предвидуваат меѓународните стандарди што ги условува Европската ракометна федерација.
Во рамки на проектот што го реализира Агенцијата за млади и спорт во непосредна близина на ракометното игралиште идниот месец ќе почне изградба на ново тениско игралиште, а најдоцна до септември и посебно повеќенаменско игралиште на песок.
Граѓаните на Струга го искористија присуството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и владините претставници за да изложат некои од секојдневните проблеми, како проблемите со кои се соочуваат вработените во струшката работна единица од колекторскиот систем и пречистителната станица во Враништа, да предложат некои инфраструктурни зафати, како изградба на пешачка патека во градот долж брегот на Охридското Езеро, да побараат и помош од институциите за семејствата чии куќи изгореа во пожарот што неодамна зафати осум станбени куќи во Струга.
Груевски, заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и други владини претставници, денешната обиколка на струшкиот регион ја заокружија со посета на детското одморалиште „25 Мај“ во Струга. Таму престојува третата тура од 200 деца од Велес, Штип, Крива Паланка и Кавадарци, кои бесплатно летуваат на Охридското Езеро во рамки на проектот реализиран од страна на ресорното Министерство.
Согласно програмата, за оваа летна туристичка сезона предвидено е да се реализираат вкупно десет смени, односно во одмаралиштето во Струга да одмораат вкупно две илјади деца од социјално загрозените семејства и ранливите категории.