Македонија и Бразил склучија договор за безвизен режим. Размената на ноти во палатата Итимарати во Бразилија ја извршија македонскиот амбасадор во Бразил Ивица Боцевски и амбасадорот Карлос Алберто Симас Магаљаес, во име на бразилскиот министер за надворешни работи Жозе Сера.
Безвизниот режим стапува на сила на 27 август. – Граѓаните на двете земји ќе може да остваруваат влез, излез, транзит и престој на територијата другата држава без потреба од виза, за туристички патувања, одмор или деловни патувања, при што должината на нивниот континуиран престој нема да надминува 90 дена во секој полугодишен период од датумот на првиот влез, информираше македонското Министерство за надворешни работи.
За време на средбата, амбасадорите Боцевски и Магаљаес разговараа и за можностите за проширување на договорната рамка во сферата на билатералната правна соработка помеѓу Македонија и Бразил, по што во следниот период ќе се иницираат разговори на овие теми. МНР дополнително информира дека амбасадата на Република Македонија во Бразилија е во разговори со повеќе земји од Јужна Америка, со цел да се овозможи безвизно патување за македонските граѓани ширум целиот континент.