Исчезнувањето на малезискиот авион е „воздухопловна мистерија без преседан“ изјави заменик директорот на Малезиската цивилна воздухопловна служба, Азхарудин Абдул Рахман. Според најновите сознанија на истрагата, пет патници се чекирале за лет, но во последен момент го повлекле багажот од авионот и се откажале од патувањето. Исто така единствениот доказ кој укажуваше на можен пад на авионот, дамката од керозин во морето била од брод, не од авион.
Иако е во тек сеопфатна потрага за авион како во воздух така и во море, ниту третиот ден не е пронајдена било каква трага од авионот, ниту од 329 патници и членови на екипажот на авионот на летот од Куала Лумпур до Пекинг.
Заменик директорот на Малезиската цивилна воздухопловна служба Рахман истакна дека киднапирањето не може да се исклучи додека истрагата не ги исклучи сите можни причини за исчезнување на авионот на компанијата на Малезија Ерлајн, пренесува агенцијата Ројтерс.
Интерпол во меѓувреме објави дека истражува двајца патници кои наводно во авионот влегле користејќи лажни документи. Се сомневаат дека се поврзани со исчезнувањето на авионот.
Малезиските власти ги проверуваат снимките на безбедносните камери на аеродромот за да откријат кои патници користеле лажни патни документи.