Петнаесетгодишнината од нападот на армискиот конвој за време на кризата во 2001 та година денес беше одбележана со парастос што го извршија свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – ОА и полагање букети цвеќе на местото од загинувањето на десетте прилепски бранители во месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје.
На одбележувањето на годишнината присуствуваа роднините и пријателите на загинатите, преживеаните од нападнатиот армиски конвој, делегација на Владата на Македонија предводена од министерот за одбрана Зоран Јолевски, делегација од кабинетот на Претседателот на Македонија предводена од бригадниот генерал Мирче Ѓорговски, од тетовскиот гарнизон на АРМ, СВР Тетово, повеќе здруженија на бранители, претставници на политичките партии ВМРО ДПМНЕ,СДСМ, Народното движење за Македонија како и други здруженија и граѓани од Прилеп и Тетово.
Јордан Трајкоски од здружението на резервни воени обврзници 2001-2002 година од Прилеп бранители искажа разочарување бидејќи се уште нема споменик за загинатите на местото од нивното загинување.
Возачот на нападнатиот и запален автобус од армискиот конвој Ацо Јованоски Реган присуствува на секое одбележување на овој трагичен настан.
И по 15 години доаѓам да им оддадам почит на десетте бранители од Прилеп за да покажеме дека секогаш сме со нив и нивните семејства и никогаш нема да ги заборавиме, истакна Јованоски.
На 8 август 2001 година на патот Скопје – Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата на Република Македонија при што загинаа десетте армиски припадници од Прилеп и прилепско Нане Наумоски, Сашо Китановски, Горан Миновски, Ердоган Шабановски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Велјановски, Пеце Секуловски, Веби Рушитовски и Мирко Деспотовски.