
Како што информираат од локалната самоуправа, во акцијата се вклучени над 150 луѓе од јавните комунални претпријатија од Прилеп од ЈП за Просторно и урбанистичко планирање, од Македонски шуми – „Црн Бор“- Прилеп, екипи од противпожарната единица, од Македонија пат од прилепската подружница, од Службата за итна медицинска помош и работна сила од Тутунскиот комбинат.
Според градоначалникот Марјан Ристески, со овој конвој во два камиони од „Македонија пат“ е испратена и хуманитарната помош во вода, храна, средства за хигиена и детски памперси, која вчера прилепчани ја собираа на пунктот кој го постави локалната самоуправа во организација со Црвениот крст од Прилеп.
– Ја испраќаме помошта која сметаме во овој момент е најпотребна во поплавените подрачја. Во координација со Центарот за кризи од Скопје доколку е потребно и во наредните денови Прилеп ќе помага со човечки ресурси и механизација. Ги повикувам сите оние кои сакаат да помогнат да се пријават во локалната самоуправа, рече Ристески.
Граѓаните можат да донираат и парични средства преку телефонскиот број за донации 143 400.