
Доколку имаат сознанија за угинато животно во поплавите, граѓаните треба да ги информираат дежурните официјални ветеринари од тимовите стационирани во пунктовите во населените места Инџиково и Црешово и во основните училишта „25 Мај“ во Сингелиќ и „Кирил и Методиј“ во село Стајковци.
– Без оглед на тоа дали станува збор за крупен, ситен добиток или за угинати домашни миленици, тие се евидентираат по што се врши нивно подигање и закопување со соодветна механизација на локација која е одредена од страна на општините, која не претставува опасност ниту за животната средина ниту за луѓето, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.
Стручни тимови од Агенцијата, во соработка со ветеринарните друштва и комуналните претпријатија, досега од регионот на Стајковци и Сингелиќ извршиле извлекување, евидентирање и нештетно отстранување на 63 угинати овци и кози, 12 свињи, 250 пилиња, 160 гулаби, две кучиња и една мачка, како и на 18 грла говеда, едно јаре и шест зајци.
Во ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, во населените места Арачиново, Брњарци, Инџиково, Сингелиќ, Смиљковци, Стајковци и Страчинци и Црешово, евидентирани се вкупно 365 активни одгледувалишта (каде што се чува жив добиток) со 2481 говедо, 3354 овци и кози.