Министерот за здравство и вицепремиер, Никола Тодоров денеска беше во работна посета на Македонска Каменица. Во Македонска Каменица како што беше ветено донесен е најсовремен мамограф, истиот е веќе инсталиран и во тек е обуката.
За прв пат во Македонска Каменица се инсталира ваков уред, кој што ќе овозможи рана детекција на малигни заболувања.
Се бориме за секој еден град во Македонија да добие подобро здравство. Со набавка на нова опрема, со инвестиција во кадар како и здравствена инфраструктура. Намерата е во градовите да се донесе нешто што го немало, да се прошири некој услуга која што не се давала или пак да се подобри постоечка. Тоа е начинот на кој што работевме во изминатиот период и тоа ќе биде фокус на Министерството и во наредниот период. Во секој град да се потрудиме да се унапреди здравството.
Инвестицијата е во вредност од 7 милиони денари и министерството ја направи во соработка со општината.