Меркел се соочува со пораз од крајната десница во нејзиното избирачко место

Политиката на отворени врати која со висок интернзитет ја спроведува точно една година може да ја чини германската канцеларка пораз на изборите во нејзиното избирачко место во германската сојузна држава Мекленбург – Форпомен.
Изборите кои што во оваа покраина сместена на северот од Германија започнаа рано изутрина најверојатно ќе го дадат правецот по кој ќе се движи најсилната членка на ЕУ на покраинските избори закажани во Берлин за две недели и на федералните избори кои треба да се одржат следниот септември.

Предходно германските гласачи ја казнија политиката на Меркел на трите покраински избори кои што се одржаа во март на кои крајните десничари имаа огромен пораст на поддршката за сметка на христијанските демократи (ЦДУ) на Ангела Меркел.
Покраината Мекленбург – Форпомен која денеска гласа за регионален парламент во смисла на бројки не е пресудна за генералната политичка слика на Германија. Таму гласаат само околу 1,3 милиони гласачи од вкупно над 67 милиони во целата земја но евентуалниот пораз на нејзината партија ќе се смета за огромно понижување за моќната канцеларка.
Анкетите покажуваат дека крајните десничари од „Алтернатива за Германија“ (АФД) формирана пред само 3 години имаат добра шанса да бидат пред ЦДУ. Иако покраинската власт во Мекленбург и понатаму ќе ја има умерена коалиција најверојатно предводена од Социјалдемократите кои што се најпопуларна партија со 28 % поддршка (пад од 36,5 во 2011 година) поразот на ЦДУ од АФД ќе биде катастрофален. Двете партии според анкетата на државната телевизија ЦДФ сега имаат по околу 22 % од гласовите.
На расположението на граѓаните не влијаат апелите ниту на премиерот на Мекленбург – Форпомен, Ервинг Селеринг кој АФД ја прогласи за збир од фрустрирани луѓе кои што само сакаат да протестираат ниту на Меркел која смета дека АФД шири страв меѓу граѓаните. Според најновата анкета на ЕМНИД институтот направена за весникот „Билд“ на федерално ниво АФД има поддршка од 12 % што ја прави трета најсилна политичка сила во земјата и прва крајно десничарска партија која што од 1945 година ќе влезе во Бундестагот.
За ралика од лидерите на најмоќната партија ЦДУ кои што тврдат дека нема поврзаност меѓу популарноста на крајната десница и бегалската криза, според анкетите над 63 % од гласачите веруваат дека подемот на АФД се должи токму на политиката на Меркел за отворени врати за бегалците.