Штајнмаер: Невозможен е мир во Сирија додека е Асад на власт

Германија и нејзините сојузници сметаат дека мирот во Сирија е невозможен се додека на власт е претседателот Башар ал Асад, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Тој истакна дека со мешањето на Москва во ситуацијата во Сирија е стабилизиран и зајакнат режимот на сирискиот претседател.

– Тоа не го менува нашиот став, ниту ставот на нашите партнери дека мирот во Сирија е невозможен додека со земјата управува Асад, нагласи Штајнмаер.

Шефот на германската дипломатија изрази надеж дека Русија и САД ќе постигнат договор за примирје во Сирија.

– Русија сега може да покаже дека е навистина заинтересирана за прекин на борбите во Сирија, изјави Штајнмаер.

Тој додаде дека „Москва, како и сите други, сфаќа дека кризата во Сирија не може да се реши со воени средства“.