
Чешкиот контингент гранични полицајци кои им помагаат на македонските колеги во патролирањето, наблудувањето и чувањето на македонско грчката граница, источно и западно од Гевгелија, како и во контролирање на состојбата со бегалците во ПТЦ Гевгелија, изврши редовна замена, соопшти денеска Регионалниот центар за управување со кризи.
Замената била извршена во текот на вчерашниот ден со 40 нови припадници на специјалните полициски сили од Чешка кои, почнувајќи од денеска, во Гевгелија и нејзината околина ќе се задржат до 31 октомври, кога ќе следи уште една замена со нов контингент гранични специјалци кои својата мисија во Македонија ќе ја продолжат до 19 декември.
Покрај ова, по затворањето на балканската рута состојбата во ПТЦ Гевгелија е мирна и стабилна со нормално извршување на задачите од сите чинители вклучени во справувањето со бегалската криза и последиците од неа. Моментно во кампот престојуваат 126 мигранти, а во изминативе 24 часа пристигнало само едно седумчлено семејство од Авганистан (маж,жена и пет деца) кое нелегално ја минало грчко-македонската граница.