Берлин е против идејата за исклучување на Унгарија од ЕУ

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер денеска се спротивстави на идејата за исклучување на Унгарија од ЕУ, поради тврдата антимигрантска политика.

– Тоа не е договорена позиција на Европската Унија. Можам да разберам дека кога се работи за Унгарија, некои во Европа го губат трпението, но сепак мојот пристап не е на некоја членка на ЕУ да и ја покажам вратата, изјави Штајнмајер во Рига на средбата со колегите од трите балтички земји.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, Штајнмаер реагираше на изјавата на неговиот луксембуршки колега Жан Аселборн, кој во интервју за германскиот весник „Ди Велт“ побара исклучување на Унгарија од ЕУ поради градењето на огради на границите со Србија и Хрватска, со цел бегалците да се спречат да влезат во ЕУ.

Според Аселборн, со дел од своите политики Унгарија покажала непочитување за европските вредности.