-Кате Блажевска високо ја ценам – како светулка во темнината на медиумскиот простор, но овој пат не се сложувам со неа. Прво, Катица Јанева е многу повеќе од (специјална) обвинителка – таа, сакале да признаеме или не, доби и симболичка улога во смената на режимот и борбата за враќање на правдата, демократијата, и што ли уште не! Второ, за опстанокот на институцијата која ја води – слушнавме од лидерот на опозицијата (инаку човек против кого Катица води предмет и тврди дека има докази дека извршил тешко кривично дело) – се мобилизираат луѓе на протести, ставаат маици со нејзиниот лик и на нејзините две најдобри обвинителки. Катица се поврзува и преку медиумите и преку јавната дебата со политички земјотрес кој треба да каже „ќе не` биде или не“. Трето, вистинските судски процеси БАРААТ врвни оратори, тоа е поврзано со способноста да се презентираат доказите, да се увери судот во нивната основаност и поврзаност со наводите на обвинението. Не случајно современите студиски програми по право воведоа предмет (простете ако грешам за точниот назив) Реторика и ораторство, а од студентите (на сите три степена на образование) се очекува елоквенција и способност да направат усна и јавна презентација за да добијат високи оценки. Интервјуто беше скандалозно за секој и просечно интелигентен човек, но високо професионално стокмено од екипата на МТВ – секогаш кога Кејти зборува, одат снимки на згради, ѕидови, луѓе во движење и што ли уште не – ама не и на најважната личност на изминатата година, бидејќи таа кутрата ЧИТА! ЧИТА за работи кои и среде ноќ да ја разбудат мора да „пее“, да ги знае наизуст! На крајот ќе бидам и помалку груба, ама секој професор низ годините развива способност веќе по првата минута-две од усмениот испит да оцени не само дали студентот научил или не, туку и колкави му се интелектуалните способности. Мојот став за оваа жена е ист како и пред една година: и тогаш и сега оценувам дека таа има интелектуална, ама и професионална инсуфициенција! За нејзина, а можеби и наша среќа, тука се две персони кои се во функција на ПР и таа работа ја вршат сјајно (иако и од нив се очекува во судница да бидат елоквентни, а не пред камери и амбасадори) – но и еден куп советници, од кои секој поединечно е подобар правник од нејзиниот тим. Катица е само уште еден доказ дека немаме мерит-систем, дека на круцијални позиции се доаѓа со се` ама не со ум и знаење, а дека вистински умните се во сенка и суфлираат. Катица е доказ и за (не)квалитетот на Правниот факултет во Скопје, моја alma mater 🙁 Нејсе! Си коментираме, но се сложувам дека она што на крајот ќе остане запомнето ќе бидат резултатите од работата на СЈО. Па, да почекаме и да видиме – а дотогаш, побогу, нека не ја пуштаат пред камери! За општо добро!, пишува професорката Ванковска на Фејсбук.