Германската компанија „Марквардт“, чии претставници денеска потпишаа договор со македонската Влада, ќе гради своја фабрика во Велес во која планира да вработи 500 лица.
Договорот за инвестицијата вредна 35 милиони евра го потпиша министерот задолжен за странски инвестиции, Велес Самак во присуство на премиерот Никола Груевски и други владини преставници.
Компанијата ќе произведува електронски продукции со висока технологија како составни делови за врвни германски брендови на автомобили како Мерцедес, Ауди и БМВ и во неа ќе бидат вработени над 500 лица.
Производствениот погон ќе започне да се гради во првиот квартал на 2014 и ќе биде со површина од 15.000 метри квадратни. Изградбата се очекува да биде завршена во првиот квартал на 2015, по што ќе се започне со производство на автомобилските производи.
Министерот Самак потенцираше дека зборот кој Владата го дава во март оваа година се исполнил.
„Ова е инвестиција од големо значење бидејќи се обезбеди светла иднина за над 500 семејства во Велес. Со околу 75 милиони евра годишен износ на високо технолошки автомобилски производи Македонија и Велес стануваат места кои се почесто обезбедуваат перспектива за мултинационални компании“, истакна Самак.
Потпретседателот за финансии на „Марљуардт ГмбХ“ групацијата Лудгер Шоникер посочи дека инвестицијата во Македонија е вистинска одлука и се надева дека во блиска иднина ќе отворат барем уште две компании.
„Во Македонија најдовме висок број на доброобразовани и мотивирани луѓе, добра средина за нашата инвестиција поддржана од бизнис ориентационата влада и тоа беше причината да се одлучиме за Македонија. Централната поставеност на земјата во ЈИЕ во голема мера ќе ја олесни доставата до нашите други фабрики и клиенти“, нагласи Шоникер.
Германската групација досега има отворено компании во 9 земји, САД, Мексико, Индија, Кина, Тунис, Германија, Швајцарија, Франција и Романија и во нив работат повеќе од 7.000 лица.
Од вкупниот број лица кои ќе се вработат во Велес, една третина ќе идат високо квалификувани техничари и инженери, додека две третини дополнително ќе се обучуваат.