Инфраструктурна експанзија: Годинава 6 милиони евра повеќе за локални патишта

Нови автопати,  експресни, магистрални, регионални и локални патни правци. Во Македонија интензивно се работи на изградба на патната инфраструктура, кои значително ќе го олеснат транспортот и ќе ја зголемат безбедноста.

За таа намена во годинешниот буџет проектирани се шест милиони евра повеќе средства за „Македонија пат“ со кои пред се треба да бидат изградени улиците во местата што беа зафатени со поплавите, но и некои други приоритетни локални патишта во други делови од земјава, посочи лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, по посета на објектите на Македонската опера и балет и на Македонската филхармонија.

„Досега во делот што го работи Македонија пат се инвестираа до една милијарда денари, а сега се издвоени 22 милиони евра или 6 милиони евра повеќе од вообичаеното со кои дополнително ќе се инвестира по завршувањето на сите патишта во подрачјата погодени со поплавите. На многу места ќе бидат асфалтирани и патчиња кои претходно не биле асфалтирани. Се надевам дека до крајот на годинава целосно ќе биде завршена работата“ рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека дел од средствата ќе бидат искористени и за изградба на многу други помали локални патишта кои се на листата на најбарани од страна на граѓаните.

Само во изминативе неколку години, за време на ВМРО-ДПМНЕ, се изградени или реконструирани повеќе од 400 локални патни правци.

„Од 2010 година до сега Владата на Р. Македонија изгради и рехабилитираше 400 локални патишта низ Македонија со вкупна должина од над 730 км и инвестиција преку 63 милиони евра. Ќе продолжиме со реконструкција и рехабилитација на локални патни правци, на регионалните, магистралните и на изградба на автопатите, најави на почетокот на оваа година, министерот за транспорт и врски Владо Мисалјовски, за време на пуштањето во употреба на улицата „Горно Лисиче“ во општина Аеродром.

Паралелно со изградбата и реконструкцијата на локалните и регионалните патни правци, се врши обнова и на оштетените коловози и на автопатските траси.

Преку ИПА инструментот е распишан тендер за целосна реконструкција на автопатската делница од Скопје до Куманово во должина од 23 километри. А целосно ќе се реконструира и делницата Неготино – Демир Капија од автопатот „Александар Велики“, во должина од 16 километри. Парлалено се работи и на потегот од Смоквица со Гевгелија.

Македонија добива три целосно нови автопати

Во земјава моментално се градат и три нови автопати Демир-Капија – Смоквица на Коридорот 10, автопат Мајка Тереза на релација Кичево – Охрид и автопат Гоце Делчев на релација Миладиновце – Штип. Во тек е рехабилитација на автопатска делница од Велес до Катланово. Вкупно во тек е изградба на 155,7 километри нова автопатска мрежа или инвестиција од околу 795 милиони евра.

Изградба на автопат Демир Капија-Смоквица, во должина од 28,2 км како дел од Коридорот 10. Вкупната инвестициона вредност изнесува 210 милиони евра

Изградба на автопат Миладиновце – Штип (автопат Гоце Делчев), во должина изнесува 47 километри инвестиција изнесува 206 милиони евра.

Изградба на автопат Кичево –Охрид (автопат Мајка Тереза) во должина од 57 километри. Инвестицијата е вредна 374 милиони евра.

Рехабилитација на автопатска делница Велес-Катланово, со должина од 23,5 километри. Инвестицијта е вредна 5,6 милиони евра.

И премиерот Емил Димитриев за време увидот во градежните работи на автопатот Миладиновци-Штип, потенцираше дека за првпат во државата паралелно се работи на вкупно 165 километри делници.

„Ова е историски важен момент за државата и за развојот на нејзината економија зашто првпат паралелно се работи на вкупно 165 километри делници, дел се во градба, а дел се реконструираат, што е инвестиција вредна 800 милиони евра. Ангажирани се околу 2.500 луѓе и тоа е сериозен поттик за македонското градежништво, како и за останатите поврзани стопански гранки, истакна тогаш премиерот Димитриев.

Паралелно со изградбата и обновата на автопатиштата, активно се работи и на експресните патишта. Во фаза на градба е првата делница од патот Прилеп-Градско, а веќе е распишан меѓународниот тендер за втората делница. Проектот треба целосно да биде готов до 2019 година. Финишира изградбата и на експресниот пат Велес – Кадрифаково во должина од 26 километри. Оваа инвестиција е тешка 14,6 милиони евра. А како што е најавено ќе се градат и патните правци Штип –Кочани и Радовиш – Штип, клучни за источниот дел од земјава. Првиот проект е вреден 53 милиони евра, вториот 64 милиони евра, а ќе се работи и на потегот од Ранковце до Крива Паланка.

Во моментов се реконструираат 200 километри регионални патишта! Се работи за делници во различни региони на Македонија, се гради на потегот Битола –Ресен – Буково, Кочани – Делчево, Мокрино – Смолари, Николиќ – Дојран, се рехабилитира патот кон Маврово,  се работи на патот Бошков мост – Дебар и Мелнички мост – Центар Жупа, Ново Село – Новак, Ропотово – Црнилиште, Кривогаштани – Горјани. Вкупната инвестиција за обнова на регионалните патни правци се проценува меѓу 80 и 90 милиони евра.