
Според предлогот, вкупните приходи се планирани на ниво од 187,612 милијарди денари. Вкупните расходи се на ниво од 206,219 милијарди денари или за 4,5 проценти повеќе во однос на годинава. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП, односно 18,6 милијарди денари.
„Овој буџет мора да го донесеме за државата да може да функционира. Предвидува раст од 3 проценти овој буџет, да не беше оваа политичка криза за 2017 година, растот ќе беше 4 проценти. Поволен момент е што ќе се намали буџетскиот дефицит на 3 проценти. Се предвидува раст на приходната страна, во услови кога ќе се предвидува раст на даноците. Се зголемуваат социјалните трансфери, капиталните расходи на највисоко ниво. Не се согласувам со тезите на опозицијата дека не се градат капитални проекти“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Муковски.
Капиталните инвестиции се планирани на 26,95 милијарди денари.
Буџетот е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3 проценти, а инфлацијата да остане на ниво од 1 отсто.
– Предлог-буџетот за 2017 година се темели на три основни постулати. Тоа се развој, кој базира на високиот износ на капитални инвестиции, социјална заштита на најранливите категории граѓани и етапно намалување на буџетскиот дефицит за да се постигне фискална консолидација на среден рок, рече минситерот за финансии Кирил Миноски.
Според него главниот приоритет на овој стратешки документ е поддршка на приватниот сектор, бидејќи тој е клучен за економскиот развој на земјава и е единствен кој што може да креира нова вредност.