Патувањето на Никола Попоски во Њујорк на трошок на ВМРО – ДПМНЕ

Последното патување на вицепремиерот и министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, во Соединетите Американски Држави како составен дел од партиската делегација на ВМРО-ДПМНЕ е подмирено од буџетот од партијата, а не од буџетот на Министерството за надворешни работи.

Ова се докажа по доставувањето на копии од авиобилетот и фактурата за истиот за летот на Никола Попоски до Њујорк на 5 октомври годинава со кој тој оствари партиска посета на САД.

Министерот Никола Попоски го одржа ветувањето, кое го даде во емисијата 360 степени, и неговата Пи-Ар служба го даде на увид на јавноста билетот со кој тој замина на партиска посета во САД, односно дека сè било платено од партиската каса, а не од буџетот на МНР, објави телевизијата Алсат – М денеска.

Инаку, во емисијата 360 степени, која се емитува токму на „Алсат – М“ телевизија, за време на интервју со Никола Попоски, новинарот Васко Попетрески се обиде да ја доведе јавноста во заблуда со претпоставка дека партиските патувања на Министерот за надворешни работи се плаќаат од државниот буџет, поточно од сметката на Министерството за надворешни работи.