ИОМ: Во Средоземно Море годинава загинале околу 4.000 мигранти и бегалци

Од почетокот на годината, во обид да го минат Средоземно Море, загинале приближно 4.000 мигранти, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ), цитирана од ДПА.

Податоците на ИОМ покажуваат дека до крајот на октомври по опасната морска маршрута, користена од луѓето кои бегајќи од воените конфликти и сиромаштијата се упатуваат кон Европа, смртно настрадале 3.940 лица.

Високиот комесаријат на ОН за бегалци минатата недела соопшти дека 2016 година е најсмртоносната година досега за мигрантите и бегалците, кои го пресекуваат Средоземно Море.

Според податоците на ОН во 2015 година на оваа морска маршрута загинаа 3.771 мигранти.

Бројот на жртви е зголемен и покрај намалувањето на миграцијата кон Европа во споредба со минатата година. Во првите 10 месеци од 2015 година преку Средоземно Море во Европа пристигнале околу 730. 000 мигранти и бегалци. Во истиот период од 2016 година нивниот број е намален на 334. 000.