
Ова како што велат политичките аналитичари е изборниот пакет за граѓаните кој го нудат и лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Според универзитетската професорка Тања Каракамишева Јовановска кога Ахмети и Заев зборуваат околу изборните програми, се добива впечаток дека станува збор за една иста личност. Таа посочува дека за првпат во историјата на Македонија етнички македонски и етнички албански политичар нудат исти решенија и политики.
„Кога ги слушате изјавите и говорите на Ахмети и на Заев се чини нема никаква разлика. Се добива впечаток дека зборува една личност. А бидејќи знаеме дека се двајца, прашањето е дали станува збор за политички двобој меѓу Ахмети и Заев од кој треба да произлезе одговорот кој е поголем Албанец и заштитник на албанските интереси во земјата? Ова е прв пат во историјата на досегашната македонска самостојност и независност како држава, етнички македонски и етнички албански политичар да нудат исти решенија и политики кои одат во прилог единствено на албанската малцинска заедница. За прв пат од создавањето на Македонската независна држава, македонски политичар отворено се стави во директна одбрана на големите албански апетити во земјата кои прават ненадоместлива штета на македонските национални интереси. Како никогаш до сега, македонските национални интереси се клекнати на колена“, вели универитетската професорка во изјава за Нетпрес.

„Единствена партија која се уште ги штити и е на браникот на одбрана на македонските национални интереси во земјата е ВМРО-ДПМНЕ. Токму затоа изборите на 11 декември ќе имаат референдумски карактер. На 11 декември нема само да избираме. На 11 декември треба да го одбраниме интегритетот и суверенитетот на Република Македонија како независна, самостојна и унитарна држава на Македонците, и на сите други етнички заедници што живеат во земјата. Како што во економијата е невозможно мнозинските акционери во трговското друштво да ја изгубат доминантната позиција во креирањето на стратешките интереси на друштвото поради нахалните барања на малцинските акционери, така и во политичкиот систем доминантното по бројка население не може да биде жртва на политичарите што ги застапуваат исклучиво интересите на малцинствата. Ако се собере рејтингот на Заев и на Ахмети истиот не може ниту да се доближи до рејтингот што го има сам Никола Груевски на политичката сцена. А токму рејтинзите ја отсликуваат објективната реалност во земјата со која не може никој да игра играчки. Оваа политичка реалност е водилка и клучна детерминанта за опстанокот на земјата. Се друго е играње пазар со државата, коцкање со опстанокот на Македонците на подолг рок“, смета Каракамишева – Јовановска.
Инаку, во трката по албанските гласови, лидерот на ДУИ пред помладокот на партијата, вети поголеми права за Албанците во Македонија. Тој испрати порака дека нема да прифатат ништо помалку од целосна еднаквост, консензуално одлучување и воведување на албанскиот како втор официјален јазик во цела Македонија.Од Демократската унија за интеграција барат и продолжување на мандатот на СЈО се до влегување на Македонија во НАТО и во ЕУ и целосна имплементација на препораките од Прибе, како и неодложно приклучување на земјава кон НАТО алијансата. Ахмети меѓудругото јасно им порача на социјалдемократите дека немаат право да ги бараат албанските гласови на претстојните избори.