-Владата на ВМРО-ДПМНЕ изминатите десет години инвестираше преку милијарда евра во енергетски проекти и во модернизација на постојните енергетски капацитети. Успешно е либерализиран пазарот за електрична енергија, почна искористувањето на обновливите извори на енергија како ветерот, сонцето, биомасата, а се обезбедени и соодветни услови за изградба на сончеви електроцентрали, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека е создадена соодветна регулатива врз која во изминатите десет години изградени се преку 60 мали хидроелектрани и значајни капацитети за пренос на електричната енергија, а во моментот се спроведува и проектот за целосна гасификација на државата.
– ВМРО-ДПМНЕ креира енергетски политики од кои бенефит имаат сите граѓани на Република Македонија, но истовремено тие претставуваат и влог за обезбедување стабилна енергетска иднина за идните генерации, се истакнува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ .
СДСМ, како што се наведува, со продажбата на ЕСМ и преносот на државниот монопол во рацете на приватен сопственик директно придонесе за можноста за зголемување на цената на електричната енергија.