На доделувањето на признанијата „Златна монета“ кои првпат им се доделуваат на успешни македонски компании, Арсовска рече дека и покрај кризата во која се наоѓа државата, компаниите изнаоѓаат начини како да го зголемат бројот на вработувањата и да ги прошират своите капацитети.
– Не е лесно да се води бизнис бидејќи нема една одредена формула која ќе каже кој е патот дo успехот. Има многу предизвици, особено во Република Македонија. Ние сме во контиунирана криза долги години наназад и затоа компаниите изнаоѓаат начини како да опстанат, да го продолжат бројот на вработувањата и да ги зголемат своите капацитети, истакна Арсовска.
Таа се надева дека на почетокот на следната година ќе бидат разгледани и реализирани сетот мерки што бизнис заедницата секоја година им ги предлага на надлежните институции со цел да се подобри бизнис климата во државата.
– Сет мерки имаме секоја година. Сега сме во застој поради моменталната ситуација и начинот на којшто функционираат институциите, но се надеваме дека од почетокот на следната година се она што го имаме доставено ќе биде анализирано, препознаено и реализирано, рече Арсовска.
На денешната свечена академија, што се одржа во Македонската опера и балет, присуствуваше и министерот за финансии Кирил Миноски.