
Хидроелектраните „Шпилје“ и „Глобочица“ кои се дел од Црнодримскиот слив предвреме го исполнија годишниот план на производство. Според надлежните, турбините на двете електрани во периодот јануари-окртомври произвеле над 479 милиони киловат-часови електрична енергија.
„Во ХЕ „Шпилје“ произведени се 286,5 милиони киловат-часови електрична енергија, што е за 22,3 насто поголемо производство од планираното за овој период, а во исто време претставува и остварување на годишниот план и негово натфрлување за четири насто. Моментно во акумулацијата „Дебарско Езеро“ има резерва на вода за производство на 20 милиони киловат-часови електрична енергија, а просечниот дотек изнесува 50 кубни метри вода во секунда“, велат надлежните во Црнодримскиот слив.
Годишниот план е остварен и во ХЕ „Глобочица“, каде во периодот јануари-октомври се произведени 192,7 милиони киловат-часови.
„Оствареното производство во споменатиот период во ХЕ „Глобочица“ е за 17 насто поголемо од планираното за овој период, а во однос на годишниот план тоа е поголемо за 1,3 насто. Во акумулацијата има резерва за производство на околу 21 милион квч, а просечниот дотек изнесува 33 кубни метри вода во секунда“, нагласуваат надлежните.
Поради поволната хидрологија, како и техничката подготвеност на електромашинската опрема, се очекува до крајот на годинава производството да биде за околу 20 насто поголемо од планираното на годишно ниво.