Ванковска: СДСМ и ДУИ го убија во поим граѓанското движење

Таа влада (СДСМ и ДУИ) која се однесуваше како да се федуалци го уби во поим граѓанското, вели професорката Билјана Ванковска.

„Дванаесет години од референдумот за општинските граници! Како само лета времето!? Ќе рече некој: „Па што е важен резултатот од тој референдум? Ете, се живее и со вакви општини!“ Да ви кажам право, таа вечер додека ги следев резултатите јас си го исплакав мојот народ. Под народ мислам демос, граѓаните – кои беа исплашени, притиснати, на кои им беше порачано да седат дома и да гледаат шпански серии (тогаш немаше турски), и дека некои прашања не заслужуваат одговор. Странците отворено се закануваа и праќаа емисари (оној Британецот со часовникот никогаш нема да го заборавам, како и една бивша американска амбасадорка во Бугарија која среде Скопје врескаше на мене дека ќе бидам одговорна за војна затоа што се залагам за референдум и дека референдумот е лоша работа). На 8 ноември една шведска ТВ екипа земаше моја изјава на плоштадот, а наоколу се собираа луѓе, кои веднаш потоа ми честитаа за борбата за правото на референдум. Кога ги прашував дали тие лично излегле претходниот ден, сведнуваа глава, вртеа поглед и пелтечеа секакви извинувања и оправдувања. Таа влада (СДСМ и ДУИ) која се однесуваше како да се федуалци го уби во поим граѓанското. Нас, од Граѓанското движење, не` нарекуваа националисти, вмровци, што ли уште не – Милчин лично им раскажуваше на моите странски колеги дека сум се продала, дека сме правеле влада во сенка, а јас ќе сум била министер за одбрана. Потоа, кога ја изгубија власта, безброј пати се обидуваа да го кренат тој ист народ, да го мобилизираат и активираат за граѓанска партиципација. Не им успеваше. Политичката култура и традиции се негуваат, од генерација во генерација, а граѓаните не се на копче, па час од нив да правиш поданици и послушници, час – бунтовници. Сега, во светлина на оваа предисторија, пак гласно се прашувам каква е таа „Коалиција со граѓаните“?“, напиша таа на Фејсбук.