Фондот за здравствено осигурување на 2 ноември годинава го додели 1200-тиот ваучер ин витро за прво дете за за оваа година. Со задоволство можеме да информираме дека динамиката на остварување на програмата за ин витро, која претставува врвен приоритет за Фондот, ги надмина дури и нашите најоптимистички очекувања, како според бројот на брачни двојки опфатени со оваа постапка, така и според брзината и ефикасноста на нејзината реализација.
До 01.11.2016 бројката на одобрени барања за ин витро е 1.200 за прво дете што претставува надминување на одобрените барања за БПО за цела 2015 година. Проекциите се дека до крајот на 2016 година ќе се надмине 2015 година за приближно 20% зголемен број на доделени ваучери за ин витро за 2015 година.
Трендот на зголемување на бројот на ваучери се должи на неколку новини кои Фондот и државата во континуитет ги овозможуваат за осигурениците, како што е новината од 01.01.2014 за овозможување ин витро на товар на Фондот за второ дете.
Следната новина беше овозможување и право на ин витро за трето и четврто дете од 28. 12.2015 година. Големо олеснување за осигуреничките беа и законските измени од 13.11.2015 година со кои осигуреничките се ослободија од плаќање на партиципацијата која изнесуваше 6.000 денари за користење здравствени услуги во постапките на ин витро (БПО) за добивање прво, второ, трето и четврто дете и од тогаш таа е на товар на Фондот.
Зголемувањето на бројот на одобрени ваучери е евидентен и за второ дете каде што на 01.11.2016 го одобривме 146-тиот ваучер за второ дете, колку што изнесува вкупниот број за ин витро ваучери за второ дете во 2015 година. За трето дете го одобривме 5-тиот ваучер за 2016 година.
Со сите наши расположливи капацитети, ја реализираме нашата цел да им излеземе пресрет на сите барања на осигурениците кои сакаат да имаат деца, а имаат потешкотии да го остварат тоа. Досега Фондот, откако е воведен овој проект од 2008 година, доделил 9640 ваучери за ин витро. Визијата на Фондот за здравствено осигурување на Македонија се задоволни осигуреници, така што нашите заложби се и на планот на ин витро да работиме ушто понапорно и да им овозмозиме на осигурениците кои по природен пат не можат да добијат дете, својот животен сон да го остварат преку методот на ин витро, посочуваат од ФЗОМ.
Постапката за ин витро како право, за прв пат е овозможена на товар на Фонд во 2008 година, по пат на рефундација на средства, а од 2010 година, осигурениците по одобрување од Фондот, добиваа ваучери. Средствата кои Фондот ги исплатил за остварување на правото на ин витро од 2010 до 2015 се 387 милиони 465 илјади денари.
Бројките за овој проект на Владата се во нагорна линија од година во година и тоа: во 2013 година, од 1075 барања за ин витро со комплетна документација, Фондот позитивно решил 1039 барања. За 2014 година, од 1166 барања со комплетна медицинска документација, Фондот позитивно решил 1060. Во 2015 година, од 1598 нови барања, позитивно се решени 1341, а за 2016 година, заклучно со 01.11. од вкупно 1528 нови барања, Фондот позитивно решил 1351 барање.
Имено, во Република Македонија, процентот на докажана бременост по ин витро постапка, во 2011 година изнесува 38,7%, во 2012 година тој процент изнесува 41.3%, во 2013 година изнесува 50.5%, во 2014 година изнесува 54.5%, а во 2015 година изнесува 50.5%. Од овој тренд произлегува дека нашите здравствени установи со кои имаме склучено договор за ин витро се високо специјализирани и со висок процент на успех. Воедно за високиот процент на ин витро постапката влијае и тоа што осигурениците побрзо се одлучуваат за оваа интервенција, затоа што надоместокот кој го покрива Фондот за ин витрото е стилмулативен, за разлика од други здравствени системи каде оваа интервенција не секогаш е на товар на државата. Фондот заедно со медиумите работи на поголема информираност и транспарентност на своите осигуренички со цел полесно да си го остварат своето право од здравственото осигурување.
Гледајќи ги светските искуства, како и искуствата од Македонија, би сакале да им укажеме на паровите дека постапката не треба да ја одложуваат и би било добро да ја започнат што порано бидејќи со возраста , шансата за успешно ин витро прогресивно опаѓа.
Сакаме да ги поттикнеме паровите кои се заинтересирани да аплицираат за ин витро за второ дете што побрзо да го направат тоа, земјаќи предвид дека возраста игра улога, а Фондот и службите се секогаш достапни за било какви дилеми.Постојат парови кои не доставиле комплетирана медицинска документација, за утврдување на стерилитетот и Фондот за истото ги информирал да ги достават потребните документи за да може вo најбрз можен рок, да се одлучува по истите. Особено не радува фактот што бројот на предмети со некомплетна медицинска документација бележи драстичен пад во 2015 година, што пред се, се должи на зголемената информираност на осигурениците, поголемата едукација на матичните гинеколози како и електронското поднесување на барањата за ин витро, велат од ФЗОМ.
Голем удел за намалување на дополнителните медицински испитувања има и воведувањето на електронските барања од страна на матичниот гинеколог, кои се 50% од ново поднесените барања по воведување на оваа можност во април 2015 година. Со електронското поднесување се има јасен увид на потребните документи кои треба да се поднесат и затоа овој број на некомплетни медицински документи е намален.
Здравствените установи кои вршат БПО услуги, а кои имаат склучено договор со Фондот во 2016 година се: Плодност од Битола, Др. Оргаџински од Штип, Ре-медика од Скопје, Ултрамедика од Скопје, Моја болница од Скопје, Аџибадем Систина од Скопје, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, Гинеко медика од Скопје и Инанна систем (Њуборн клиник) од Скопје.
Сите потребни обрасци, упатството за начинот на остварување на правото на БПО на товар на ФЗОМ и сите други информации се објавени на ВЕБ страницата на ФЗОМ www.fzo.org.mk