Во своето прво интервју откако победи на претседателските избори во вторникот, Трамп објасни дека важна причина за промената во неговата позиција за целосна укинување на Законот за достапно здравство била вчерашната средба во Белата куќа со Обама.
Претседателот демократ му предложил на својот наследник, избран како кандидат на републиканците, да задржи делови од законот.
– Му реков (на Обама) дека ќе ги преразгледам неговите предлози, и од почит кон него, ќе го направам тоа, изјави Трамп за „Волстрит џурнал”.
Тој прецизира дека има намера да задржи два текста од здравствената реформа, која беше внатрешнополитички приоритет број еден за Обама – забраната осигурителите да одбијат да ги покријат трошоците на пациент поради претходна состојба и можноста полнолетните луѓе да можат подолго време да бидат осигурани на име на своите родители.
За време на кампањата, Трамп го нарече освој закон, усвоен во 2010 година, „страшна работа” и вети дека ќе го укине во целост.
Идниот претседател на САД, кој ќе стапи на должност во јануари, во интервјуто изјави дека има намера да ги задржи работните места во земјата, а евентуалнода наложи царини на стоката произведена од американски компании, кои ги префрлиле своите активности во странство.
Трамп призна дека не размислува многу за ветувањето што го даде за време на предизборната кампања, да назначи специјален обвинител кој ќе го испита неговиот главен противник на изборите, демократката Хилари Клинтон.
– На прво место размислува како да го решам проблемот на САД во областа на здравството и вработувањето, како и да ја зајакнам граничната контрола, а не за тоа да го испитувам скандалот со лектронската пошта на Клинтон, рече тој.
Трамп увери дека сака САД да бидат земја во која сите се сакаат. – Целта ми е сплотување на Американците и да ги решам проблемите на земјата, рече тој.
Трамп најави дека наскоро ќе има телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Претходно, Прес-секретарот на Путин, Дмитриј Песков изјави дека рускиот претседател не планира контакт со победникот на претседателските избори во САД, додека тој не стапи официјално на функцијата во јануари.
Идниот претседател на САД изјави во интервјуто дека има намера да се фокусира во Сирија на борбата против џихадистичката група „Исламска држава”, а не да се обидува да го собори од власт претседателот Башар ал Асад.
– Мојот став за Сирија се разликува од ставовите на многу луѓе, истакна тој.
Трамп не даде детали, но посочи дека најверојатно нема да ја следи политиката на Обама за поддршка на т. н. умерена опозиција.