
Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски информираше дека сообраќајните незгоди се случиле во текот на вчерашниот ден.
Првата сообраќајка била околу 17:30 часот на регионалниот пат Тетово – Пирок пред училиштето во Калник кога автомобил „опел астра“ управуван од И.И.(75) од Голема Речица удрил во 70-годишната А.А. од Ново село 2, која се здобила со скршеница на главата и други повреди. Повредената била пренесена во Тетовската клиничка болница и по укажаната помош во неконтактибилна состојба била пренесена на скопските клиники.
Втората сообраќајка се случила во 23:40 часот на крстосницата од булеварот Илинденска и улицата Ѓоце Стојчески меѓу автомобил „голф“ управуван од Е.Џ.(22) и мопед „томос“ што го управувал М.М.(33). Во несреќата моторциклистот се здобил со скршеница на левата потколеница, а по укажаната помош во Тетовската клиничка болница бил упатен на скопските клиники.
– Увид на местата од двете сообраќајни несреќи извршиле јавен обвинител и екипи на СВР Тетово и се работи на утврдување на причините, околностите и се друго поврзано со сообраќајките, рече Јосифовски.