Во интервјуто за „Фокус“, одговарајќи на прашањето ако СЈО не направело пресврт во случајот „Пуч“ пред избори и не се откриело кој прислушувал, тогаш дали немало да пропадне целиот концепт на СЈО, Заев рече дека СЈО ќе објавел отворање нова истрага посветена токму на прислушувањето. Ваквата најава на Заев денеска и се оствари.
-Јас очекувам дека СЈО во текот на ноември, ако не ја соопшти вистината за прислушувањето во судница, во рамки на судењето за „Пуч“, што е тешко веројатно затоа што судот го одложи процесот на неодредено со цел до избори Груевски да не се појави да сведочи, тогаш ќе објави отворање нова истрага, посветена токму на прислушувањето. Колку телефони биле ставени во системот за следење и како е изведена целата операција. И не само што очекувам детали за ова пред избори, туку знам дека ќе има цврсти докази, со име и презиме и со конкретни дејствија. Не исклучувам дека ќе има и сведоци, рече Заев во интервјуто за „Фокус“.
Она што опозицискиот лидер го најави за сдсмовското гласило, Катица Јанева и СЈО денеска на дело го спроведоа. Прес-конференцијата на СЈО дојде во моменти кога вниманието на јавноста требаше да се отргне од скандалозните и антимакедонски изјави на Заев пред албанската дијаспора во Швајцарија, каде говори за редефинирање на Охридскиот Рамковен договор, воведување на двојазичноста на цела територија и јавно обвинување дека “проблемот е во Македонија, а не во соседите.“
Заев пред албанските иселеници отворено ја искритикува Македонија и застана во одбрана на Косово, Албанија, Грција, Бугарија и Србија. Нагласи дека не можело сите тие да не се во право, односно потенцираше дека грешката била во Македонија.
– И не може сите да бидат лоши околу нас, а ние да сме најдобрите. Ако сите се скарани со Македонија, проблемот е во Македонија, изјави Заев.
Заев и пред албанската дијаспора отворено говори за еднаквоста при употреба на јазиците, односно воведување на двојазичност на целата територија на Република Македонија.
-Јас сум истиот Зоран Заев, кој што ја отвори јавно употребата на јазиците во Македонија и еднаквоста и рамноправноста во државата. Јас сум истиот тој што го гледавте и по Фејсбук и по телевизии кој отвори штабови во Арачиново и Чегране. Македонија ја замислувам, ако знаеме кинекси, кинески да се разбереме, ако знаеме англиски, англиски да се разбереме, француски- француски, албански- албански, македонски- македонски, да се ослободиме, рече Заев.
Во своето обраќање Заев се осврна и на Охридскиот рамковен договор, за кој вели дека “мора да се оди преку него“ доколку сме верувале во “еднаквоста и рамноправноста“. Заев нагласи дека Рамковниот не бил доволен и требало да се напуштат рамките.
-Охридскиот рамковен договор не е договор. Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор, оти тој е рамка некоја. Зошто во 21- век, 25 години независна Македонија да има рамки на ограничување. Не, ќе веруваме во еднаквоста и рамноправноста и ќе му помогнам на мојот сограѓанин Албанец, вели Заев.