Мистериозно исчезнатиот авион на „Малезија Ерланјс“ можно е да е приземјен. Според последните информации од малезиските власти, авионот својот последен сателитски сигнал можеби го испратил од земја.
Шефот на агенцијта за цивилна пловидба на Малезија Азхарудин Абдул Рахман соопшти дека е можно последниот сигнал што го добиле сателитите да бил испратен додека авионот бил на тло, односно слетан.
„До сега претежно се фокусиравме на плитки мориња, а од сега ќе трагаме на копно низ 11 земји, како и во длабоките и зафрлени делови од океаните”, изјави тој.
Малезиските власти контактираат со многу земји меѓу кои Казахстан, Узбекистан, Киргистан, Туркменистан, Пакистан, Бангладеш, Индија, Кина, Мјанмар, Лаос, Виетнам, Тајланд, Индонезија, Австралија и Франција.
И по повеќе од една седмица продолжува потрагата, а во неа учествуваат 26 земји.
Областа за пребарување, од централна Азија до јужниот Индиски Океан, опфаќа големи делови на копно и море.
Министерот за транспорт на Малезија изјави дека комплексната потрага по авионот сега станала уште покомплицирана.Според него полицијата отвори истрага за киднапирање, саботажа и тероризам. Поради исчезнувањето на авионот Боинг 777 истрагата сега е насочена кон екипажот и аеродромскиот персонал, кои се веќе испрашани откако беше потврдено дека авионот бил киднапиран.
Шефот на националната полиција, генералот Калид Абу Бакар, изјави дека направена е проверка на потеклото и историјата на сите патници на авионот и до сега нема ништо сомнително, иако некои служби за разузнавање допрва треба да дадат одговор.