
Истакна дека музичкото обрзование е важно во градењето здраво и хумано општество и дека тоа зависи не само од образовните институции, туку и од медиумите, концертите и фестивалите што се организираат, зависи од тоа каква музика се слуша во домовите и на веселбите, особено во последните години кога, за жал, како што рече, популарната музика се почесто е исполнета со тежок звук, шунд и евтини рефрени.
Затоа, ккао институции и поединци треба особено да внимаваме со што ги образоваме нашите најмлади, што им нудиме на нашите граѓани. Мора да ја негуваме, да ја афирмираме и да ја почитуваме нашата музика. Богатството на нашиот музички фолклор и квалитетната музичка продукција не смеат да бидат само дел од архив и од историја, туку жива култура постојано присутна во нашето секојдневие… Уверен сум дека овој Орден ќе биде поттик за натамошно успешно развивање на музичкото образование и за афирмација на македонското музичко творештво и на македонските музичари, рече Иванов, посакувајќи му на ФМУ уште многу години посветена и успешна работа.
В.д. деканот на ФМУ Зоран Пехчевски рече дека се она што е Македонија во музичка смисла денес се должи на Факултетот за музичка уметност заблагодарувајќи им на сите што произлегле од факултетот – од наставниците во основните училишта до големите уметници што настапуваат во Метрополитен или Карнеги хол од кои, рече, светот дознава и учи за Македонија и нејзината богата култура и уметност.
Да им се заблагодарам и на оние што својот живот го вградија во нивната едукација, од кои некои беа исклучителни композитори, некои големи уметници, а некои, чиишто имиња можеби не и се познати на пошироката јавност – исклучителни и големи педагози… По само 50 години дејност можеме со гордост да кажеме дека сме рамноправни партиципиенти на светската музичка сцена со оние кои потекнуваат од средини со многу постара и побогата традиција во областа на западноевропската класична музика. Сето тоа, веројатно, немаше да биде можно без Факултетот за музичка уметност и без неговата петдецениска дејност, истакна в.д. деканот, нагласувајќи дека ФМУ и натаму ќе биде на нивото на своите должности и ќе радува со уште многу успеси.
Оваа образовна институција постои од 1966 година, најпрво како Висока музичка школа чиј прв директор бил Властимир Николовски. Наставата почнала во 1967 година и во првата година биле примени 60 студенти. Во 1973 станала членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, две години подоцна и на Меѓународната асоцијација на музички академии и школи со седиште во Женева, а во 1978 година Школата прераснува во Факултет за музичка уметност.
Денес во составот на ФМУ се пет катедри (Катедра за музичка теорија и педагогија, музикологија, композиција и диригирање; Катедра за дувачки инструменти, удирачки инструменти и соло-пеење; Катедра за клавишни инструменти и харфа; Катедра за гудачки инструменти и гитара; Катедра за балетска педагогија), со вкупно 28 студиски програми на прв циклус и три студиски програми на втор циклус студии.
Покрај високообразовна, факултетот врши и научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност. Во негови рамки работи Институтот за истражување и архивирање на музика – ИРАМ, како и повеќе ансамбли – Симфониски оркестар, Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, Мешаниот хор „Драган Шуплевски“, Народниот оркестар и Биг бендот.
До академската 2015/2016 година на ФМУ дипломирале 2356 на додипломските студии, магистрирале 461, а докторирале 21. Во 50-те години постоење факултетот реализирал над 900 концерти, најголем дел од нив во своја организација – јавни часови, испити, рецитали, годишни и јубилејни концерти, а дел во соработка со други институции и фестивали.
За 50 годишниот јубилеј ФМУ вечер од 20 часот во Македонската опера и балет ќе изведе концерт на Симфонискиот оркестар на кој солисти ќе бидат сегашни и поранешни студенти од повеќе инструментални класи.