Аналитичари: Граѓаните сакаат стабилна држава – се очекува масовно референдумско излегување на избори

Како држава не смееме да дозволиме да има ниту еден аргумент за оспорување и дискредитирање на изборниот процес, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Тој ги повика граѓаните на 11 декември да излезат, да го остварат своето право на глас и да ја исполнат својата граѓанска должност.

„Повикувам да гласате по сопствено убедување и да ја дадете довербата на онаа политичка партија и опција за која верувате дека е најдобриот избор за вас и за Република Македонија. Во демократска атмосфера, како што доликува на една демократска земја, очекувам на 11 декември едногласно да биде поздравена и признаена волјата на граѓаните, која ќе го означи почетокот на крајот на политичката криза и ќе претставува почеток на национално помирување во Република Македонија“, нагласи претседателот Ѓорге Иванов.

Во дваесет дневната политичка кампања и партиите учеснички на предвремените парламентарни избори истакнуваа дека очекуваат масовно, референдумско и историско изјаснување на македонските граѓани на 11-ти Декември.

И политичките аналитичари очекуваат масовна излезност на граѓаните на овие избори. Политичкиот аналитичар Александар Даштевски, очекува дека изборните резултати ќе бидат слични на резултатите кои ги дадоа досегашните испитувања на јавното мислење спроведени од институтите „Павел Шатев“ и „Димитрија Чуповски“, кои покажаа значителна предност на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред коалицијата „За живот во Македонија“ предводена од СДСМ. Резултатите од двете анкети покажаа дека 28,1 отсто од испитаниците својот глас ќе го дадат за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 15 % кои би гласале за СДСМ, според „Димитрија Чуповски“, односно 27,8 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 16,2 за СДСМ; според институтот „Павел Шатев“.

„Очекувам граѓаните масовно да излезат на гласање в недела и мирен изборен ден. Не очекувам да има нерегуларности со оглед на големиот број набљудувачи од земјава и од странство кои ќе ги следат предвремените парламентарни избори. Веќе имаше најави за некои нереди, но сметам дека ќе бидат преземени мерки за да нема никакви инциденти. Резултатот, сметам дека ќе биде сличен на оној што го покажуваа и спроведените анкети“, вели за Нетпрес универзитетскиот професор, Александар Даштевски.

Тој додава дека очекува волјата на граѓаните да биде поздравена на 11-ти Декември, за разлика од претходните избори од 2014 година, кога изборните резултати беа оспорени без ниту еден поднесен приговор.

„Признавањето на изборните резултати ќе зависи од волјата на политичките партии, но сметам дека сите ќе се однесуваат демократски. Бевме сведоци дека претходните избори без ниту еден инцидент, без ниту еден поднесен приговор или жалба беа оспорени, иако прислушуваните разговори кои беа објавени по изборите не се однесуваа на 2014 година, и изборите беа целосно легитимни“, посочува Даштевски.

Според него, граѓанските масовно ќе излезат да стават крај на двегодишната политичка криза во земјава и очекува поголема излезност од претходните избори бидејќи граѓаните, како што вели, сакаат стабилна држава која ќе оди напред.

Според податоците на Државната изборна комисија, предвремените парламентарни избори во недела ќе ги набљудуваат 7.585 домашни набљудувачи, 667 странски набљудувачи и 75 странски новинари. За изборите акредитирани се и 354 преведувачи.

Најмногу домашни набљудувачи имаат акредитирано Граѓанската асоцијација МОСТ – 3.435 и Здружението за хуманитарни активности СИНЕРГИЈА – Штип – 3.387 набљудувачи, ЦИВИЛ – Центар за слобода – 308, Здружението Национален ромски центар (НРЦ) – Куманово – 143, Институт за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид – 61 набљудувач и Македонскиот центар за култура и развој – 50 набљудувачи, објавено е на веб страната на Државната изборна комисија.

Мисијата за набљудување на избори ОБСЕ/ОДИХР акредитираше 281 набљудувач, Мисијата на ОБСЕ во Скопје 65, Амбасадата на САД 51 набљудувач, Парламентарното собрание на ОБСЕ 27, Асоцијацијата на европски студентски структури 24, Парламентарното собрание на Советот на Европа 22, Европскиот парламент и Европската унија по 16 набљудувачи, Советот за јавна дипломатија на Каталонија – Диплокат 15, Британската амбасада во Скопје 12, Комисијата за изборни жалби и приговори на Косово и Централната изборна комисија на Косово по 10, Амбасадата на Франција и СИЛБА – Поддршка за иницијативата за дијалог и демократија од Данска осум набљудувачи, Амбасадата на Шведска и Државната изборна комисија на Република Кореја  по седум, Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС – Канцеларија во Македонија и амбасадите на Албанија и Италија по шест набљудувачи, Амбасадата на Шпанија петмина, ДИК на Црна Гора и Амбасадата на Косово по четири, Државните изборни комисии на Словенија и Хрватска, Организација за меѓународна соработка Југ Југ, и Бугарската и Унгарската амбасада по тројца, Централната изборна комисија на БиХ, Високиот изборен совет на Турција и амбасадите на Швајцарија, Австрија и на Чешка по двајца набљудувачи и Централната изборна комисија на Литванија и Словенечката амбасада по еден набљудувач.