Од Oдделението за јавни дејности потврдија дека во наредната година финансиски ќе бидат помогнати повеќе проекти од сферата на културата, дел од нив традиционални, но и нови креативни содржини.
Општините, посочуваат од Одделението, се надлежни за вршење на институционална и финансиска поддршка на културните установи и проекти, негување на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности, организирање културни манифестации и поттикнување на разновидни специфичнини форми на творештво.
Општина Битола реализира низа проекти во културната сфера, дел од нив во традиционален контекст, а тековно се иницираат и реализираат и нови проекти од помал или поголем обем, со што општината покажува дека е способна како за креативно, така и за организациско надградување на културната понуда во градот. Овој тренд ќе продолжи и тој истовремено им овозможува на многу млади уметници од Битола да бидат дел од културната понуда во текот на 2017 година, информираат од Oдделението за јавни дејности при општина Битола.
Според програмата, во 2017 година со општински средства ќе бидат поддржани културните манифестации „БитФест“, ИФФК „Браќа Манаки“, „Интерфест“, „Илинденски денови“, „Мал битолски Монмартр“, ФАДФ „Камера 300“, графичко триенале и други национални и интернационални културни настани.
Со новите концепции културата се третира како развој и затоа треба постојано да се ревитализира и да се развива, за да може да обезбеди духовна и економска репродукција. Искористувањето на културата како ресурс за развој, претпоставува дека таа нема да се однесува само на интимниот свет на уметноста и затоа проширувањето на подрачјето на културата ќе се одвива и низ развојот на културниот туризам. Со културниот туризам се афирмира и промовира културното наследство пред домашната и странска публика, а поврзувајќи се со една економска дејност, културата ќе остварува финансиска добивка, нагласija од општина Битола.
Во 2017 година општина Битола посебен акцент ќе стави на регионалната меѓуопштинска соработка, како и на меѓународната соработка со фокус на збратимените градови од Европа.