СДСМ веќе десет години фрустрацијата што не е на власт, ја лечи со срамни обиди за дискредитирање на капиталните проекти кои Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги реализира, реагираат денес од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ:
Залудно се обидува СДСМ да фрли дамка на здравствениот систем во кој се спроведува најголемиот инвестициски циклус во историјата на македонското здравство. Околу 110 милиони евра изнесува инвестицијата за градби и реконструкции на јавни здравствени установи низ државата кои се веќе комплетно завршени или се во тек.
Изградивме нова Детска болница во Козле, според врвните светски стандарди за лекување и третман на најмладите пациенти. Изградивме комплетно нов објект за ПЕТ-Центарот – најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија, за кој е обезбедена и најсовремена опрема. Реновиравме и реконструиравме бројни болници и здравствени домови низ државата.
Ако појдете во Штип, ќе се уверите дека интензивно се одвиваат градежните работи за изградба на нова клиничка болница – инвестиција вредна околу 56 милиони евра, вклучувајќи ја и инвестицијата за нова опрема, проектирање и други инфраструктурни зафати, со кои штипската болница ќе прерасне во најсовремена болница во поширокиот регион.
Во тек се и реконструкциите на болниците во Велес, Прилеп, Битола, Струмица, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, и др.
Во македонското здравство се инвестирани над 115 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема со која сериозно го подигнавме квалитетот на здравствените услуги. За прв пат отворивме и успешно функционираат државна кардиохирургија, детска кардиохирургија, интервентна кардиологија.
Ова е реалната слика за македонскиот здравствен систем, наспроти лажната слика која СДСМ се обидува да ја креира низ личните фрустрации, неуспеси и ниту еден реализиран проект во било кој сегмент од здравството.