
Поранешното локално раководство на Општина Охрид никако да се симне од листата со рекорди. Минатата година во предизборниот период од локалните избори Општината добила 120 фактури за јадење за еден месец, и тоа од еден ист ресторан. Тоа значи дека бившиот охридски градоначалник од редовите на СДСМ заедно со директорите на јавните претпријатија секојдневно имале по четири оброци на ден – доручек, ручек и вечера и едно дополнително седнување во ресторанот, најверојатно кога го јаделе десертот, пишува дневниот весник „Вечер“.
Јавното претпријатие „Проаква”, пак, за јадење направило долг од еден милион денари, но не се правеле долгови само за ресторантски услуги.
Енормно се трошеле и средства за службени патувања во периодот од 2005 до 2013 година, период во кој со градот владееше Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Општинската ВМРО-ДПМНЕ ги обелодени потрошените суми средства. Во 2005 година вкупно патни расходи во земјата и во странство 752.632 денари. Од 2006 година до 2009 годишно се трошеле близу два милиони денари, а во 2010 година оваа сума се зголемила дупло. Во 2011 година вкупно патни расходи во земјава и во странство 1.508.213 денари, во 2012 година вкупно патни расходи во земјава и во странство 2.550.602 денари. Во првите четири месеци од 2013 година се потрошиле 397.047 денари.
„На вртоглавите суми потрошени средства во истакнатиот период во секој домен од раководењето на локалната самоуправа од СДСМ – од потрошени средства за горива и масла на службените возила, од огромните суми на репрезентации до огромните суми потрошени за службени патувања, ќе мора да се открие и потребата и целите за потрошените средства“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На име трошоци за мобилна телефонија општината платила близу два и пол милиони денари за повеќе од 90 службени мобилни телефони кои ги користеле лица во општината без никаков правилник за користење службени мобилни телефони. На име на градоначалникот Петрески се воделе шест телефонски броеви. За краток временски период се направил долг од неколку годишни буџети на Општина Охрид. Токму со ваквиот начин на раководење Александар Петрески го остави Охрид во долгови до гуша.
Новата локална власт сега се соочува со фамозни 33.409.836 евра долг, а наследи и блокирана сметка, секојдневни извршни судски решенија, како и високи камати.
„Градоначалникот Бакрачески, локалната самоуправа и ВМРО-ДПМНЕ секогаш водат политика базирана на факти и реални податоци. Секогаш водат политика на отчетност и транспарентност и секогаш водат политика во интерес на народот. Тоа е разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичките опоненти. Тоа е разликата која ја препознава народот и несомнено, уште еднаш ќе ја насочи довербата кон ВМРО-ДПМНЕ“ – вели Никола Митровиќ, портпарол на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид.