
Рокот кога претседателот Иванов требаше да го довери мандатот за формирање влада на кандидат на партијата, односно партиите што освоија најголем број мандати на предвремените парламентарни избори одржани на 11 декември минатата година, беше до денеска.
Деветтиот македонски парламентарен состав, кој има 120 народни избраници, се конституираше на 30 декември минатата година. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2. Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Претседателот Иванов викендов одговарајќи на новинарско прашање кога и на која партија ќе и го додели мандатот за формирање влада со оглед на тоа што тече рокот, рече дека ќе постапи како што е наведено во Уставот.
Премиерот за спроведење на изборите Емил Димитриев, пак, на новинарско прашање за тоа дали очекува да биде запазен крајниот рок за доделување на мандатот, рече дека очекува целата процедура да биде во утврдените рокови согласно законите.
ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците, на 7 јануари ја објавија заедничката платформа која ќе биде нивна основа во преговорите за создавање на нова влада. Заедничката политичка агенда на трите партии предвидува целосна јазична еднаквост, односно употреба на албанскиот како официјален јазик, економска рамноправност, решавање на спорот за името со вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција, како и брза интеграција во НАТО и во Европската Унија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во денешното интервју за „Дневник“ вели дека ќе се обиде да состави влада, но не по секоја цена. – Ако се оди по досегашните установени принципи во Македонија, би требало да составам влада. Ако се прекршат, се е можно, вели Груевски, по повод платформата што ја објавија албанските партии од Македонија, а чие исполнување е услов за тие да коалираат со една од двете македонски партии во идната влада.
Во случај ДУИ да одлучи да коалицира со втората наместо со првата партија, со поразениот наместо со победникот, Груевски вели дека тоа ќе значи утврдување на една нова практика и традиција во Македонија на која, како што вели, „ние секако ќе се приспособиме, не само сега, туку и во иднина“.
Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата, истакнува Груевски во интервјуто за „Дневник“.