Трамп: НАТО е застарено, не е важно дали ЕУ ќе опстане

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека германската канцеларка Ангела Меркел направила катастрофална грешка со политиката на отворени врати, преку која во Германија влегле над еден милион мигранти.

Во заедничко интервју за најтиражниот германски весник „Билд“ и британскиот весник „Тајмс оф Лондон“ претседателот на САД изјави дека Европската Унија станала „возило за Германија“ а дека по заминувањето на Велика Британија и други земји членки ќе изгласаат излегување од ЕУ. Како што тврди „Билд“, за Трамп Европската Унија е инструмент на германската доминација, креирана со цел да се победи САД во меѓународната трговија. Американскиот претседател, како што пишува германскиот весник, е прилично индиферентен дали Европската Унија ќе остане заедно.

– Сметам дека Меркел направи катастрофална грешка, а тоа беше прифаќање на сите тие илегалци. Никој не знае од каде се тие дојдени. Затоа мислам дека направи катастрофална грешка, многу лоша грешка, истакна Трамп во интервјуто за „Билд“, во кое тој сепак искажува почит за германската канцеларка. Според него, Меркел се уште за него е еден од најважните политичари на светот и тој има голема почит за неа, но не може да каже дали сака да биде реизбрана по четври пат за канцеларка. Трамп во интервјуто рече дека лично не ја познава Меркел, но дека таа направила штета на Германија со приемот на бегалците, пренесува дописникот на МИА од Берлин.

Американскиот претседател во интервјуто вели дека Британците немало да гласаат за напуштање на ЕУ, доколку не биле уплашени од мигрантската криза.

– Јас верувам дека доколку ЕУ членките не беа принудени да ги примат сите бегалци, толку многу од нив…. мислам дека немаше да дојде до Брегзит. Веројатно и понатаму ЕУ можеше да функционира, но тоа беше последната сламка, тоа беше последната сламка која што го скрши грбот на камилата, смета американскиот претседател.

Во врска со политиката кон Русија, Трамп за двата европски весници најави дека постои можност за укинување на санкциите кон Русија како дел од договорот за намалување на нуклеарното оружје.

Трамп е заинтересиран за добри договори со Русија и наместо санкции најавува соработка.

– Тие (Администрацијата на Обама) имаа санкции кон Русија, ајде да видиме дали ние можеме да направиме некои добри договори со Русија. Мислам дека нуклеарното оружје треба да биде значително намалено, тоа е дел од договорите, изјави Трамп во заедничкото интервју, кое се водело на англиски јазик и траело околу еден час.

Зборувајќи за НАТО тој ги повтори критиките за Алијансата кои што ги искажа и во текот на кампањата за претседател на САД. Трамп смета дека транс- атланската воена алијанса е важна, но дека се соочува со проблеми.

– НАТО е застарена, прво затоа што е создадена пред многу многу години. Второ, земјите членки не плаќаат колку што треба да платат, смета Трамп, според кого само пет членки на Алијансата го плаќаат својот дел од трошоците, а за него е проблем и тоа што НАТО не се занимава со борба против тероризам.

Во врска со неговите семејни германски корени, Трамп вели дека е горд што има предци од Германија и дека ја сака земјата. На прашањето кои негови одлики ги поврзува со своите германски корени, Трамп смета дека тоа се редот и силата што ја има.

Во интервјуто американскиот претседател најави дека и покрај договорот за слободна трговија НАФТА кој важи за САД, Мексико и Канада, неговата земја ќе воведе царина во висина од 35 отсто за автомобилите коишто германскиот производител БМВ планира да ги произведува во новата фабрика во Мексико и да ги продава на американскиот пазар.

Во врска со меѓународната трговија, Трамп најавува брз договор за слободна трговија со Велика Британија по заминувањето од ЕУ за којшто ќе разговара со британската премиерка Тереза Меј многу скоро.

– Ќе работиме многу напорно за да го заклучиме договорот брзо и соодветно. Да биде добар за двете страни. Ќе имаме состанок веднаш откако ќе влезам во Белата Куќа и мислам дека ќе се случи, ќе направиме нешто многу брзо, изјави американскиот претседател, кој за пет дена треба да ја преземе новата функција.

Меѓу другите прашања за кои зборувал Трамп, според Билд, се одлуката на Џорџ Буш да го нападне Ирак, која според него е можеби најлошата во историјата на САД, улогата на неговиот зет Џаред Кушнер кој според него е природен талент којшто ќе постигне договор со Израел, користењето на социјалните мрежи преку кои и по влезот во Белата Куќа ќе продолжи да комуницира директно со своите поддржувачи, како и за екстремните безбедносни мерки при влезот во САД кои што ќе важат и за некои европски државјани.