
-Испративме екипи од Центарот за социјална работа да отидат на лице место и да утврдат кои од лицата имаат услови за враќање, кои не, така што ќе поднесеме предлог до Владата и таа да одлучи што понатаму. Но, нашата намера не е да ги оставиме лицата на улица бидејќи огромен број од нив примиле надоместок, односно обесштетување, а се уште не презеле никаков исчекор во делот на средување на условите. Сепак, оставаме на Владата да одлучи дали и до кога ќе го продолжи рокот за сместување во „Сениќ“ и во „Партение Зографски“, изјави министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими одговарајќи на новинарско прашање, додавајќи дека седница на Владата ќе се одржи денеска или утре.
Додаде дека оние што веќе имаат услови ќе треба да се вратат, а оние коишто немаат, како што рече, МТСП ќе иницира, односно ќе даде предлог до Владата за пролонгирање на нивниот престој во објектите каде што се сместени.
По поплавите во август минатата година, Владата одлучи лицата кои немаа услови да останат во своите домови да бидат сместени во одредени објекти не подолго од 180 дена, а оштетените имаа можност да аплицираат за средства од државата за санација на штетите во домовите.