Ќе ги добие ли Заев потписите од ДУИ?

Потписите на 10-те пратеници на Демократската унија за интеграција се клучни за лидерот на СДСМ, Зоран Заев да го добие од претседателот Ѓорѓе Иванов мандатот за состав на Влада.

ДУИ и СДСМ во изминативе речиси дваесет дена водеа интензивни преговори усогласувајќи ги ставовите околу клучните прашања и барања пред се’ околу измени на законот за јазици. Но, и по овој период двете партии за неколку прашања се на различни страни. Неофицијално, партиите на Ахмети и Заев не успеаваат да се договорат за тоа албанскиот јазик да се најде и банкнотите на македонскиот денар, на таблите на граничните премини, судските процес да се водат и албанска, како и тоа амблемите на полицијата и војска да бидат двојазични.

До каде е подготвен Заев да оди за да добие мандат?

Македонската политичка сцена почнува во многу да наликува на шпанска серија во која, иако станува збор за прашања од значење за државата и за сите граѓани, преговарачите одлучија се да држат во најголема тајност и никој освен неколку луѓе не знае што точно се преговара, и што точно се става на масата за политичко пазарење, вели професорката на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска.

„Од вчерашната измешана изјава на лидерот на СДСМ не може да се извлече ништо конкретно, бидејќи е целосно нејасна. Што точно авторот сакаше да каже веројатно не знае ни самиот автор. Заев вчера рече: „Желбата на СДСМ е да добиеме уставни решенија за употреба на решенијата. Не треба да дозволиме нешто што е надвор од Уставот“. На кои уставни решенија за употреба на решенијата мислеше вчера Заев не знае ни тој самиот. Од друга страна, зарем Заев во кампањата не беше информиран дека сите негови ветувања беа надвор од Уставот? Зарем Заев не знаеше дека ветувањето за двојазичноста на целата територија на РМ излегува од рамката на Уставот, и дека политипните општини за кои се залагаше пред изборите, а кои тој ги споредуваше со швајцарските кантони се исто така спротивни на Уставот во делот на предвидените зголемени надлежности на сегашните општини? И сега, кога преговара тајно во Мала Речица што мисли Заев дека таквите „уставни решенија за употреба на решенијата“ не му се прочитан блеф и лага која не може да ја испорача ни на сон? “, смета професорката Каракамишева Јовановска.

Таа додава дека времето не работи за Заев и СДСМ и поради тоа оценува дека овие преговори нема да завршат со влада, туку сепак на крајот ќе има договор за нови парламентарни избори.

Сите пет опции се уште отворени за ДУИ

Ахмети и Заев синоќа одржаа ненајавена средба во Мала Речица. Оценката и на двајцата претседатели е дека има напредок, но се уште има нерешени прашања. Шефот на социјалдемократите дециден дека и по цена да не ги добие потписите нема да се согласи на уставни промени.

„Надминавме одредени разлики на лидерско ниво. Желбата и на ДУИ и на СДСМ е да добиеме уставни решенија во законот за употреба на јазиците. Тоа значи дека не треба да си дозволиме ништо надвор од Уставот за сето друго што уставно да падне во вода. На крајот дури ако останат одредени отворени прашања не завршува денот на преговорите сега. Можеме за шест месеци да оставиме тие да се истолкуваат, да отвориме јавна дебата која ќе дефинира дека нешто е уставно и може да се прифати“, рече Заев повеќе од два часа разговори со лидерот на интегративците.

ДУИ во централниот штаб одржува седница на Централното претседателство. Тројката потпретседатели кои беа директно вклучени во преговори со врвот на СДСМ треба да реферираат за понудат на социјалдемократите. Се очекува раководството на партијата да одлучи дали поддршката од пратениците на ДУИ ќе оди на контото на Заев.

Инаку, официјално за ДУИ се уште се отвори сите пет опции – коалиција со ВМРО ДПМНЕ, коалиција со СДСМ, широка коалиција, одење на уште едни предвремени парламентарни избори и заминување во опозиција.