
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, оствари работна средба со Цуи Живеи – Амбасадор на Кина во Македонија, чиј мандат истекува во текот на месец април.
Состанокот се одржа во чест на одбележување на плодната и пријателска соработка, која ја остварија двете држави во изминатиот период , но и заедничката желба за продолжување и продлабочување на истата, за што во знак на потврда беше разменет и Меморандум за соработка преку кој Кина на Македонија ќе и додели средства во висина од 20 милиони јуани, односно 2,5 милиони евра.
Во досегашната билатерална и проектна соработка која започна во 2007 година, реализирани се повеќе проекти и студиски посети во рамките на договорите за економска и техничка соработка на двете земји. Заклучно со 2013 година потпишани се договори во висина од 13,4 милиони евра наменети за изградба на училишта, здравствена инфраструктура, набавка на училишни автобуси и друго.