Претседателот Иванов денеска го посети Радовиш каде оствари средба со жителите од овој град.
Радовишани во масовен број го поддржаа македонскиот претседател.
Посакувајќи му добредојде, граѓаните го запознаа Претседателот со тековните состојби во градот, и притоа дадоа свои мислења и предлози за натамошен развој на Радовиш.
На средбата, жителите ја поздравија извршена реконструкција на регионалниот пат Радовиш-Конче-Лубница, како и изградба на магистралниот пат Радовиш-Струмица, со што им се олесни движењето кон овие места.
Претставниците на локалната власт го запознаа претседателот Иванов со тековните инфраструктурни проекти во општината, каде се изведени шест локални патни правци со должина од над 7 километри, а во 2014 се очекува изградба на уште неколку.
Во разговорите беше нагласено дека од големо значење за економскиот развој на Радовиш ќе биде Технолошко индустриската развојна зона „Радовиш“, чие што основање е во тек. Според жителите, со оваа индустриска зона се отвораат нови можности за привлекување на странски инвестиции, а со тоа и отворање на нови работни места.
За време на посетата, претседателот Иванов беше информиран за тековните и најавените инвестиции во општината со цел подобрување на образовниот процес и квалитетот на здравствените услуги за граѓаните.