И покрај тоа што се уште не е доделен мандатот за состав на новата влада, од извори во Централниот одбор на СДСМ порталот „Журнал.нет“ дознава дека кадровските решенија за Влада на СДСМ се речиси при крај.
-Сепак две работи предизвикале незадоволство кај дел од членовите на ЦО на СДСМ кои ги споделија информациите со нас, пишува порталот.
Првата работа е тоа што раководството на СДСМ им отстапило премногу важни министерски места на ДУИ, меѓу кои МВР, Министерство за здравство, Министерство за образование и наука, Министерство за заштита на животна средина, Министерство за економија, Секретаријатот за Европски прашања, Министерство за надворешни работи, Министерство за труд и социјална политика, како и директор на Управата за јавни приходи.
-Втората работа што предизивикала уште поголем револт бил ценовникот за едно министерско место. Два дена пред да го побара мандатот од претседателот Ѓорге Иванов, Зоран Заев преку неговиот брат Вице Заев, им пренел порака на неколку заинтересирани луѓе во ЦО на СДСМ дека за министерската фотелја во Владата треба да се уплатат 60.000 во кеш. Објаснувањето било дека тие средства ќе бидат употребени за изборната кампања на локалните избори, а дека идните министри од СДСМ секако ќе имаат повластици и ресурси за да си ги повратат тие уплатени пари во текот на нивниот мандат. Неколку од можните кандидати за министри од СДСМ ги одбиле ваквите услови, но за други министерската фотелја сепак била примамлива дури и со одредена уплатена сума, стои во текстот на порталот.
Министерското место во Министерството за земјоделство, според информациите на Журнал, веќе го капарисал Панче Орцев, поранешниот пратеник од СДСМ од Струмица, додека во трка за министер за правда се Цветанка Иванова од Струмица и актуелниот пратеник Петре Шилегов.
-Под овие услови двајца пратеници од СДСМ се заинтересирани за министерското место во Информатичко општетство и јавна администрација, Хари Локвенец од Прилеп и Александар Кирацовски од Битола. Доколку во фотелјата на ова министерство седне Локвенец, тогаш Кирацовски ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола за што цената е три пати помала, односно уплата од 20.000 евра во готово за кандидат за градоначалник, пишува Журнал.
Оваа варијанта е фиксна кај Оливер Спасовски за Куманово и кај Томислав Тунтев за Охрид, додека дилеми за кандидатура под овие услови се уште постојат кај Мухамед Зеќири кој најавил амбиции за градоначалник на Чаир. Зеќири, кој важи за жесток критичар на корумпираноста на сегашниот градоначалник на Чаир Изет Меџити од ДУИ, не сакал во самиот старт на политичката кариера да ризикува уплата на 20.000 евра само за да стане кандидат за градоначалник на СДСМ.
Врската задолжена за прибирање на парите им рекла на заинтересираните дека иако можеби сумата е висока местата се примамливи и доколку се дојде до функциите за многу брзо време парите ќе ги вратат неколкукратно повеќе. Наместо по заслуги парите го имале главниот збор во кадровската политика поради што има растечко незадоволство во партијата.