Грчки медиуми: Платформата прифатена од Заев води кон федерализација и распад на Македонија

платформа

Мерките од „Албанската платформа“ прифатена од Зоран Заев и неговата СДСМ водат прво кон менување на државните симболи и федерализација, а потоа и кон поделба односно распад на државата.

Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, дел од грчките медиуми и натаму предупредуваат на овие мрачни сценарија за Македонија, нагласувајќи дека нивен најгласен и најжесток противник во моментот е официјална Москва. И покрај манипулациите, опозицијата поддржана од ЕУ и од САД претрпе изборен пораз.

Сепак, еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка Федерика Могерини, како и генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг, и други високи претставници на „просветлената Европа“ се’ уште очигледно го притискаат претседателот Ѓорге Иванов да и’ даде мандат на опозицијата да формира влада, која што го прифати ултиматумот наречен „Албанска платформа“. Многу е важно да се разбере дека овие мерки, создадени во Тирана, водат кон федерализација на земјата и реформа во структурата на власта и во државните симболи, што ќе резултира со потценување на уставните основи и на крајот ќе доведе до распад на државата, се вели во анализата објавена од грчкото он-лајн издание „Капитал“.

Во контекст на манипулациите, во анализата се потсетува дека СДСМ имаше обид за квази обоена револуција, во април 2016 година, преку протести кои сепак не успеаа да ескалираат, по што со медијација на ЕУ и на САД, беа договорени нови избори во првата половина на 2016-та година.

Груевски си даде оставка за да му го отстапи местото на транзицискиот премиер, но изборите не беа одржани тогаш, туку на 11 декември, лани. Меѓународниот фактор во последен момент повика на одложување на изборите, повикувајќи се на немање на фер услови за гласање. Во политички контекст, пак, немаше сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, што и се случи и тие повторно беа на прво место, се вели во текстот на „Капитал“ со наслов „Кој ја дестабилизира ПЈР Македонија“.

Грчката дипломатија, пак, според „Капитал“, се соочува со дилемата дали да се потпре на „албанскиот елемент, кој што е рамнодушен на македонизмот, а желен за евро-атлантскиот курс на земјата, како одлична можност за решение на прашањето за името“, или да го земе предвид потенцијалот за дестабилизација на целиот регион генериран од поттикнувањата за ‘природна Албанија’“. Во анализата се вели и дека случувањата во Македонија се во еден поширок геополитички контекст, со оглед на тоа што западниот Балкан го зголеми своето значење за САД, кои што сакаа целосно да го интегрираат во своите дизајни.

И грчкиот портал „Пентапостагма“ неодамна објави анализа во која што Заев е опишан како корумпиран политичар кој што учествува во сценариото за поделба на Македонија и создавање на голема Албанија.

Европската Комисија и НАТО „побараа“ од претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, да се усогласи со Уставот на земјата и да дозволи формирање на „прозападна“ влада. Од тој момент настаните се одвиваат со филмска брзина и Албанците бараат владата да биде формирана од опозицискиот лидер Зоран Заев (високо корумпиран политичар) во која што ќе бидат вклучени и тие, па покрај борбата против наводниот геноцид врз нив извршен од странат на Србите, да почнат да го подготвуваат и бунт за редизајн на целиот Балкан, пишува во анализа на „Пентапостагма“.

Порталот информира и дека огнот, кој веќе е предизвикан во Македонија, се шири и низ Балканот, вклучително и кон Грција, a со цел создавање на голема Албанија и Курдистан.