Македонски спортски легенди со поддршка за заедничка Македонија

Од ден на ден се’ повеќе расте поддршката од значајни јавни личности за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и зачувување на унитарноста и Уставот на Македонија.

Оваа иницијатива добива поддршка и бројни македонски спортисти.

Целава оваа политичка ситуација не поминува така покрај нас, сите сме на некој начин инволвирани, истакна денеска на хуманитарен меч во Пробиштип легендарниот македонски фудбалер, Саша Чириќ.

-Јас како долгогодишен репрезентативец кој долги години и многу натпревари ги имам одиграно за овој најсветол дрес, стоел под македонското знаме и ја слушал македонската химна посакувам целиот македонски народ да остане сплотен, токму во овие моменти, затоа што само така сплотени ние ќе ја сочуваме нашава Македонија, рече Чириќ.

-Сите треба да бидеме свесни дека имаме една држава, дека егзистираме во една држава, дека сме тука родени и се што сме постигнале во животот е благодарение на нашата држава. Јас мислам дека треба да ја чуваме и во иднина, изјави селекторот на младинската фудбалска репрезентација Боби Милевски, кој денеска учествуваше на хуманитарен меч во Пробиштип.

И поранешниот репрезентативен голман на македонската фудбалска репрезентација Антонио Филевски излезе со поддршка за граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Тој вели дека е револтиран од водачите на Шарената револуција, а сега пратеници и од врхушката на опозициската партија. Тој е револтиран поради тепањето на полицајците, кои беа таму на работна задача, тој вели дека тие се бранители на државата, а беа напаѓани и со највулгарни зборови.

-Почитувани браќа и сестри, револтиран сум од водачите на шарените, а сега пратеници и од врхушката на СДС, во нивните изјави каде граѓанската иницијатива која е мирна и достоинствена ја нарекуваат фашистичка, црна, а нивната шарена револуција била демократска и демократско било нивното двегодишно малтретирање на обичниот народ, демократски било кршење, палење, фарбање на споменици, министерства, демократско било палење на канцеларија на претседател на држава како највисока институција и фигуративно бесење на претседателот, палење на знаме, демократски било брутален на полицијата со цевки, хебли, бекатон плочки, со што се повредени многу полицајци, полицајците само си беа на своето работно место заработувајќи си ја својата плата за однесат дома леб за своето семејство, своите деца, нападнати беа со највулгарни зборови и клетви да ви се повтори Диво насеље, а таму ни загинаа наши бранители, наши Македонци, кој го жртвуваа својот живот за нас, за Македонија, вели Филевски

Тој вели дека во Македонија никогаш немало поделби според вера и нација, но никако не може да прифати бинационална држава.

-И затоа го кревам мојот глас и јавно бунтувам против бинационална држава, ние спортистите сме играле, тренирале, туширале, јаделе, пиеле, спиеле, живееле заедно без поделби, немало поделби на вера, нација, секој си го употребувал својот јазик, со почит кон сите, но македонскиот јазик е нешто свето. Заедничка Македонија, унитарна Македонија ни е иднината на нас и нашите поколенија. Охридскиот рамковен договор ги даде сите права и привилигеии и секое малцинство, каде што според закон ги исполнува условите ги ужива сите права, но треба да се има и обврски, а обврски со почит кон својата држава Македонија, затоа што таа ни е заедничка, унитарна, а никако бинационална , завршува Филевски.

Капитенот на македонската ракометна репрезентација и еден од најдобрите светски ракометари, Кире Лазаров преку својор ФБ профил даде поддршка за иницијативата и порача „Да го зачуваме нашиот идентитет и интегритет,да зачуваме нешто што сме наследиле и е наша обврска и должност да го пренесеме на нашите идни поколенија,да го зачуваме она што е наше и што ни припаѓа…“

Поддршка стигна и од легендарната македонска ракометарка Индира Кастратовиќ, која напиша „сите заедно стоиме на црвено-жолтата линија на одбрана на нашата татковина!“