Тевдовски ја претстави економска програма за работа на владата

Претседателот на Комисијата за економија на СДСМ Драган Тевдовски денеска на прес-конференција претстави, како што рече, програма за работа на влада, која ќе се темели на поддршка за домашните претпријатија, раст на платите и социјална праведност.

Главен фокус на програмата е економијата и подигнувањето на животниот стандард на граѓаните, посочи Тевдовски, истакнувајќи  дека за да се реализира програмата е неопходно  претседателот Ѓорге Иванов да го додели мандатот за составување влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Со програмата е предвидена државна поддршка за поттикнување на домашните претпријатија од 20 милиони евра, како што рече, уште во првата година на мандатот, а преку активни мерки за вработување ќе се влијае на вработување 16 илјади лица годишно во приватниот сектор.

Според Тевдовски, малите и средните претпријатија за отворање ново работно место ќе добиваат еднократна финансиска поддршка помеѓу 72.000 и 162.000 илјади денари, ако исплаќаат бруто плата повисока од просечната во минатата година во период од 12 месеци.

– Во првата година на мандатот, минималната плата ќе се зголеми на 12 илјади денари и таа ќе важи и за индустријата за текстил, облека и кожа, рече Тевдовски, наведувајќи и дека ќе се воведуваат промени во даноците и социјалните трансфери паралелно со подобрувањето на ефикасноста на институциите, кај кои пак ќе се обезбедела целосна фискална транспарентност.