СДСМ и партиите на Албанците кои ги дадоа потписите за парламентарно мнозинство почнале консултациите за избор на претседател на Собранието, а по нивното завршување ќе иницираат свикување на седница на Парламентот, објавија повеќе македонски медиуми.
Според неофицијални информации, седницата на Парламентот може да се одржи до крајот на неделава.
Од СДСМ коментираат дека во наредните неколку дена се очекува да продолжат координациите за избор на претседател на Собранието, но не најавуваат кога би се свикала седница.
Доколку партиите кои имаат мнозинство во Собранието постигнат договор за претседател, ќе побараат продолжување на конститутивната седница на која би се формирала Комисија за избори и именувања, а потоа и претседател на Собранието. Тогаш ќе почне да тече и рокот од десет дена во кој претседателот Ѓорѓе Иванов треба да им го даде мандатот за формирање нова влада.
Денеска од кабинетот на Иванов сопштија дека пречките за определување мандат се’ уште не се отстранети.
Претседателот Иванов останува на ставот изнесен во обраќањето до граѓаните на Република Македонија на 1 март 2017 година. Пречките за определување мандат за состав на влада се уште не се отстранети, се вели во ставот од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.
Во обраќањето на 1 март, претседателот Иванов од лидерот на СДСМ Зоран Заев побара јавно и јасно да ја отфрли и осуди тиранската платформа, со која, според шефот на државата, се доведуваат во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.