„Матица македонска“ објави нов роман од писателката Оливера Николова, насловен „Пешаци по црни полиња“.
Во поговорот на книгата Гоце Смилевски наведува дека Оливера Николова (1936) спаѓа во редот на водечките романсиери во современата македонска литература, авторка на богат прозен опус во кој од специфичен агол ги согледува историските, националните и социјалните превирања.
– Како вешт прозен мајстор пишува за општественото раслојување во годините кога се трансформираат институциите и низ ткаежот на животните приказни се разобличуваат бројни човечки судбини. Новото романескно остварување претставува круна на богатиот творечки опус што писателката ни го завешта во изминатите децении, пишува Смилевски за новото дело на Николова.
Оливера Николова е добитник на престижни книжевни награди, меѓу кои: „Младо поколение“, „Змаева награда“, „Стале Попов“ и „Рациново признание“, а нејзини дела се преведени на повеќе странски јазици.