
Во Собранието на Република Македонија и денеска продолжи координативната средба на претставниците на парламентарните групи за утврдување на предлогот за составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, што е предуслов за закажување продолжение на Конститутивната собраниска седница.
На вчерашната координација претставниците на парламентарните групи го договорија бројот на членовите со кои ќе бидат застапени во Комисијата за прашања на изборите и именувањата, но се уште не е постигнат договор за претседателот на Комисијата. Согласно договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата, СДСМ пет, а ДУИ и Беса да бидат застапени со по еден чен.
Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.
Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.